Истражувач, смирена со посебен спокој

Премини на приказната

„…Моментално имам многу работи и дилеми коишто ми поминуваат низ глава, a кога тоа се случува сакам да се прошетам покрај кеј. Како што вели песната на Ацо Шопов “Она што ме притиска и пече, да оставам тишината да го рече“. Да беше Скопје личност, врската би ни била многу комплицирана. Многу го сакам ама има работи коишто многу ми сметаат. Би се карала многу со него, но никогаш не би можела да кажам збогум и туку така да си отидам. Секој агол во Скопје си има некоја посебна меморија. Почнувајќи од детството, детскиот џагор и детските дружби, па се до денес. Скопје е град со богата историја. Спој на многу култури. Во тој контекст би побарала повеќе музички манифестации. Мислам дека музиката е онаа која може да спои различни луѓе, кои се од различна етничка припадност, со различен живот. Друго нешто што прави градов да ми е Скопје, е моето средно – Орце Николов. Таму има некоја посебна енергија, а и луѓето ми се многу посебни.Често се сретнувам со пријателите во @creshabar, каде пиеме греено вино. Тоа е ете, некаков ритуал кој многу го сакам. Моментално, нешто што ми смета во Скопје, како и на мене така и на останатите скопјани е загадениот воздух. Но, да не навлегувам во патетики кои секојдневно се зборуваат. Да зборуваме малце и за убавите работи на Скопје. Водно. Место кое го обожавам. Да би имала последен ден тука, тоа е местото каде што би отишла. Би си земала кафе, би медитирала и би ја оставила мислата едноставно да ми тече. Обично сум личност што сака позитивно да размислува. Ми се допаѓаше таа празнична атмосфера што ја имавме. Некако посебно беше оваа година. Некоја посебна еуфорија. Тоа е една позитивна промена, за Скопје, за нас… Мислам дека ни требаат повеќе такви манифестации кои ќе шират позитива, но не само за празници. Едноставно треба радост да го опколува градов, секојдневно. Не може да очекуваш нешто позитивно во животот ако си постојано негативен. Затоа скопјани треба да бидат среќни и да се веселат…“