Креативна, среќна, шарена ѕвезда

Премини на приказната

„…Кога ќе отидеш надвор повеќе го цениш тоа што го имаш дома. Тоа го приметив кога живеев во Солун. Ептен ми фалеа ствари од дома и тогаш осетив уствари колку си го сакам Скопје. Самата енергија која ја има градот, луѓето и одредени места се оние работи кои поинаку ги доживуваш. Тие места најчесто се поврзуваат со некои посебни приказни и спомени од минатото. Најомилено место, што нели највеќе ми фалеше е Парк. Онака ептен ми е отворено, за релаксација и дружба со луѓе. Можеби ми фалеа и некои места за искачанки. Стегнато ми беше во Солун, некако во Скопје ми е поопуштено. Главната скопска традиција: седење со саати на кафе. Едноставно не приметуваш и се забораваш седејќи. У средно често идевме у Бела и Жапон и по цели денови ни поминуваа таму. Таквите традиции и случки се у принцип незаборавните моменти. Сакам да го видам Скопје мноогу позелено. Да биде убав град со зелени површини каде што нема да се гушиме. На некој начин да оживее, затоа што моментално е многу затворено и стегнато ради зградите. Порака до скопјани: да си го сакаме и цениме градот затоа што е наш. Скопје е наше родно место и никогаш за нас нема да постои друг простор како што е овој. Така да кога би имала последен ден во Скопје би го искористила така што ќе отидам на кафе со друштво; дефинитивно ќе поминам до Парк; ќе шетам по турите кај што ги носам туристите, на пример Кале, Водно и без сомнение вечерта ќе отидам на журка у Маракана…“