Potato и вонвременска Wonder Woman

Премини на приказната

„…Моментално поразлично се чувствувам во Скопје. Кога ќе се преселиш и ќе се вратиш гледаш некои работи што претходно не си гледал. Скопје секогаш ќе ми остане во срцето и тоа никогаш нема да се смени. Ама кога живееш тука не сфаќаш уствари дека не многу мрдаат работите. Се враќаш и гледаш ретроспективно дека сè  било исто ама не си приметувал пошо ти било јако. Првото нешто што го приметив, кога се вратив, е дека градов е мноогу прљав. Цел живот живеам на истата улица, а никогаш не сум приметила дека е волку прљаво. Не ми се верува дека цело време си го гледал а никогаш не си го приметил тоа. Најскопски е кога си планирал да седнеш на кафе на саат време а уствари завршуваш од кафето на пиво, од пивото во кафана и од кафаната на некое трето место. Успат среќаваш премногу луѓе, пола од нив седнуваат со тебе на „една“ пијачка или „една“ цигара. И така денот едноставно се случил. Скопје го напраил денот. Обично тоа е денот Четврток, дефинитивно. Тоа е нешто најскопски што сум напраила. Пред да го затворат, а со тоа и ми го скршат срцето, омилено место во градов ми беше Fourplay. Дефинитивно во омилени места спаѓаат и Парк, особено во пролет и лето; Излет, посебно во Сабота; Дебар Маало, како дел посебен дел од градот и толку. Има многу места што ги сакам ама овие се така, места за душата. Е сеа кога би се смениле улогите, јас би го однела Скопје на пијачка ама на некое превозбудливо место. Хммм. Синдикат, на vodka sour, пошо вотка е за Скопје. Би го прашала како е, кои се стварите што не му се свиѓаат, што би требалo ние да направиме за да му е подобро и дали се сеќава на старото Скопје. Пред се би го слушала него и ништо не би зборела, затоа што мислам дека никој не го слуша моментално градот. Би спомнала неколку работи што сакам да се променат: луѓето, затоа што се некултурни; загадувањето, нешто што прави највише да не го сакам Скопје; децентрализирање, мора да излезе сè од Центар, да излеземе тие истите луѓе, од истите места, затоа што вака сме затворени во еден круг; зголемување на свесноста на луѓето и нивно ангажирање. Мора сите да почнат да возат точаци, скејтбордови или тротинети, шо и да е, само не коли. Мислам дека кога град би бил во midlife crisis тоа би било Скопје. Некако така се понаша во последно време…“ -Potato (лево) 
„…Најубави две работи: Скопје и мојата приказна во Скопје. Да ми речат денес ти е последен ден во градов, јас ќе го искористам да отидам во сите кафани и кафичи. Скопје има една магија, која што те влече да се враќаш. Југот во Скопје  е тој уствари што ги тера луѓето да се вратат. Градов има што да понуди ама може малце да се потруди поурбано да го направи тоа. Прво треба да се исчисти Скопје како што треба, па после се друго ќе си дојде. Кога би можела да го однесам Скопје на кафе, би го однела на моите три омилени места: Круг, Броз и Џек. Едно би му кажала: „Скопје засекогаш во срцето“. You can take the girl out of Skopje, but never Skopje out of the girl…“ -вонвременска Wonder Woman (десно)