Пилот за справување со проблеми со отпадот
Пилот проектот за справување со проблемот со отпадот во Скопје е на иницијатива на Скопје Лаб како резултат на долгорочно истражување на проблемите со кои се соочува град Скопје. Проектот е помогнат од страна на Програмата на Обединетите нации (УНДП) и Град Скопје. Целта е дизајнирање и тестирање на иновативни решенија за справување со следниов предизвик Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагањето на отпадот од домаќинствата во Скопје?
Во реализација на овој проект СкопјеЛаб користи иновативен пристап кој се фокусира на човекот, неговите потреби и проблеми (Human Centered Design или Desing Thinking) кој е и во основата на работењето на СкопјеЛаб.
Согласно овој пристап реализицијата на овој проект се одвива низ следниве 5 фази:
Првата фаза од овој пилот проект се однесува на идентификување на предизвиците со кои се соочуваме во поглед на управувањето со отпадот. Со идентификација на предизвиците и разгледување на можностите и надлежностите на градот ќе се определи еден специфичен предизвик на кој ќе се работи и за кој ќе се бараат решенија кои може да помогнат во негово решавање. Така ќе се обезбеди полесно и самостојно да се управува со овој специфичен предизвик преку преземање на соодветни акции од страна на различни засегнати страни.
Реализирани активности во оваа фаза:
- Стратешка работилница за идентификување на предизвиците кои се однесуваат на управувањето со опадот и дефинирање на еден специфичен предизвик на кој ќе се работи.
Работилницата се одржа на 18ти Мај (четврток), од 11:30 до 14:00 часот во Град Скопје и на истата учество зедоа 15 претставници од различни организации и институции вклучувајќи претставници од Град Скопје, ЈП Комунална Хигиена, Депонија Дрисла, граѓански организации и неколку приватни компании кои работат на собирање отпад вклучувајќи го и електронскиот отпад.
За време на работилницата се идентификуваа различните предизвици поврзани со управувањето со отпадот, се изработи мапа на засегнати страни, профили на целните групи и се дефинира еден специфичен предизвик на кој ќе се работи.
Предизвик: Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?
СкопјеЛаб ќе го адресира само првиот дел од синџирот или управувањето со отпадот, односно одлагањето на отпадот од домаќинствата (патот на ѓубрето од дома до контејнерот). Во тој поглед ќе гледаме на три специфични елементи или проблеми:
- Што се случува со отпадот во домот? (Генерирање, селекција и складирање)
- Кој е процесот на одлагање на отпадот? (од домот до контејнерот)
- Што се случува со отпадот се до моментот на собирање од Комунална Хигиена?
- Организирани три средби со неколку засегнати страни (НВО, јавни претпријатија и приватни фирми, итн.) за утврдување на можности за реализација на теренско истражување и дефинирање на целни групи.
Иако досега се донесени повеќе решенија за справување со овој предизвик сепак истите не ги даваат посакуваните резултати. Ова до одреден степен е резултат на недоволното разбирање на причините за проблемот поради што и се јавува потребата за теренско истражување. Навиките, потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните иако изгледаат исти сепак се разликуваат во многу елементи, првично во поглед на домовите во кои тие живеат (куќа, стан), свесноста за потребата и значењето на правилно управување со отпадот како и желбата за одржување на чиста животна средина.
Дополнително, различните групи на граѓани бараат различни решенија или различен пристап во решавање на проблемот. Поради тоа СкопјеЛаб за справување со овој предизвик дефинира две главни целни групи за кои ќе бидат дизајнирани решенија и кои понатаму ќе бидат разработени на уште пониско ниво.
Целни групи:
- Неформални собирачи на отпад
- Домаќинства – индивидуално и колективно домување