Date:
април 11, 2020
Ова решение е предлог дизајн изработено во рамки на Иницијативата Редизајн на јавни површини 2.0.
Опис на постојна состојба: Забелеливо дека тоа е тесна улица исполнета со станбени објекти, каде тротоарите се искористени од жителите кои ги паркираат своите автомобили. Со оглед на предходно споменатото на улицата не е овозможено движење на лица со попреченост. Секако движењето е отежнато и за лицата без пречки.
Сумирани резултати од теренското истражување: Граѓаните забележуваат неколку проблеми како дека на улицата нема доволно простор за паркирање, преку ноќ не е доволно осветлена и дека нема простор за комунални услуги.
Атмосфера на постојната состојба: Улицата е темна, заради височината на објектите и покрај својата јужна ориентација таа е без доволно сончева светлина, недостасуват елементи, простор односно клупа за социјализација на жителите. Жителите не комуницираат меѓусебно и не се задржуваат надвор на улицата, туку просторот го користат за да го паркираат автомобилот и веднаш влегуваат во домот. Со оглед на недостатокот на урбана опрема нема задржување на улицата.
Концепт
Мал парк на едниот крај на улицата со воден ѕид кој ќе игра улога на звучна бариера за звуците кои доаѓаат од булеварот „Илинден“. Се садат дрва кои прават сенка на една голема клупа, поставена на средина од паркот. Партерот е калдрма каде во меѓупросторите има зеленило (трева). Од едната страна на улицата се гради објект со приземје со комерцијална програма.
Атмосфера на новопроектираната состојба: Тивка, пријатна на изглед, мирна со доволно простор и за движење и за седење. Клупата под сенка на дрвата е привлечно место за одмор за случајните менувачи, но и место за социјална интеракција помеѓу жителите на улицата. Фонтаната само дополнително ги поканува минувачите да се задржат во просторот, додека водениот ѕид го прави местото изолирано од секојдневниот сообраќаен градски метеж.
Опис на елементи: Клупа, воден ѕид (каде горниот елемент ќе се потпира на инокс столбови кои нема да се гледаат и ќе има ефект како да лебди и од него вода ќе биде пуштена и решетка под водата како одводен елемент), решеткасти огради за дрва, мала фонтана.
Очекувани примарни резултати: Би се зголемил бројот на посетители на улицата, би се зголемила социјализацијата помеѓу станарите.
Секундарни резултати: Би се решил проблемот со паркирањето, односно би се променил односот на граѓаните кон улицата. За нив оваа улица повеќе нема да е место каде ги паркираат колите, туку место каде што можат да се сретнуваат и дружат. Понатаму улицата би станала препознатливо место и за граѓаните кои не живеат таму поради „водениот ѕид“. Тоа би предизвикало препознавање на ново атрактивно градско катче кое поканува и поттикнува комуникација.