Skip links

Палма Аеродром

Изработиле: ИНТ Глобал Инженеринг АВ


Дата:
април 26, 2020

Ова решение е предлог дизајн изработено во рамки на Иницијативата Редизајн на јавни површини 1.0.

Технички опис: Јавна парковска површина која е лоцирана до слаткарницата „Палма“ до крстосницата помеѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“. На предметната локација веќе постои парковска површина.

Во близина на скверот се наоѓаат неколку станбени блока со деловен простор на приземните и мезнинските површини. На овој простор според барањата на околното население потребно е поставување на современ летниковец, додатно зеленило, елементи за одмор и забава како и елементи за паркинг на велосипеди. Со поставување на опрема наменета за одмор и забава, корисниците на просторот ќе бидат станарите на станбените блокови, но делумно може да има намена и за одмор на вработените во деловните простори, како и случајни минувачи.

Предвидено е создавање на летниковец во вид на мрежа изработена од јажиња. Растерот на плетените јажиња ќе биде со неправилна форма со што се постига поприродна структура. Со поставувањето на оваа мрежа помеѓу новото зеленило ке се добијат заштитени површини кои самите ќе оформат делови за одмор на посетителите.

Седењето е предвидено да биде поставено непосредно во внатрешноста на самата локација во вид на полукружни и кружни клупи околу самото високо зеленило на места дефинирани со елаборатот. На самата локација ке бидат поставени и чешми за пиење на вода за посетители, деца и миленичиња. Исто на оваа локација се предвидува и поставување на паркинзи за велосипеди кои ќе бидат лоцирани кон периферните граници на локација, односно кон булеварот и непосредната улица.

Постоечките патеки создадени со бекатон плочки ќе се обноват со поправање на постелката, а по потреба и тампонот, како и предерување на постоечките бекатон плочи, замена и дополнување на оштетените плочи и санирање на ивичниците. Новите патеки ќе се оформат со поставување на тампон од кршен камен во два слоја со набивање до потребна збиеност. Преку тоа ќе се постави слој од 5-7 см од крупни дрвени деланки. Со тоа ќе се добие поприроден амбиент во едно нагласено урбано окружување.

Целата тревна површина ќе биде оформена со нови тревници. Процесот се состои од чистење на теренот од непотребни предмети, растенија, камен и отпадоци за обновување на тревната површина. Потоа следи припрема на земјиштето која се состои од преорување на сегашните тревници, ситнење на изораната земја и порамнување на теренот. Пред садењето на тревата, потребно е третирање на земјените површини, со средства за обновување и потхранување на почвата.

За да истиот простор се користи и во вечерните часови, ќе се постави додатно осветлување во самата локација. Во еден дел ќе се постави светлосна инсталација со промена на ритам, интезитет и колор на светло во ритам на пратечката музика за да се добие ефект на светлосно акустична фонтана. За одржување на зелените површини постои автоматизиран систем за наводнување кој функционира. Предвидена е корекција на поставените прскалки поради измената на распоредот на зелените површини.