Skip links

Парк Форум

Изработилe: Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева и Бојана Митковска со ментор Никола Ѓорѓиевски


Date:
април 15, 2020

Опис на постојна состојба: Парк ФОРУМ се наоѓа во централното градско подрачје на град Скопје, во општина Центар. Типо-морфолошки, паркот ФОРУМ преставува правоаголен парк дефиниран како внатрешен двор, тип атриум, ограничен со низа општествени, административни и станбени згради. Паркот е лесно достапен и високо фреквентен поради тоа што е добро поврзан со четири пасажи – пристапи, а дополнително се интензивира посетеноста поради тоа што на исток граничи со улица Македонија и е во непосредна близина на плоштадот во Скопје. Локацијата е добро поврзана со јавниот транспорт бидејќи граничи со постојката Рекорд каде застануваат скоро сите автобуски линии. Паркот ФОРУМ исто така преставува значајна урбана точка во градот бидејќи со децении гравитира урбана култура и место за дружење, особено во периодот пред новиот век и во раните почетоци на 2000-те.

НЕДОСТАТОЦИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПОПРАВАТ ИЛИ ЗАМЕНАТ

Темни запоставени агли околу станбените згради кои акумулираат ѓубре, влага и се неосветлени

Фрагментирани, нерамни површини кои акумулираат голема количина на вода од врнежи – поради непорозноста на материјалите (бетон и асфалт) водата останува со денови

Пасажите кои водат кон паркот не се осветлени навечер

Квадратните празнини низ тревниците преставуваат хазард за посетителите на паркот бидејќи истите не се добро заштитени

Забележани се низа на автомобили кои нелегално го користат просторот како место за паркирање на своите автомобили. 

ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ – ПАРКИРАЈ СТОЛЧЕ

Нашата интервенција се состои од две промени: поделба на една од зелените површини и додавање на метална конструкција со дифузни места за седење.

Првиот дел од нашата интервенција: сакаме да го скршиме бетонот и да ја поделиме првата зелена површина гледано од пасажот кај Котур. Ова го правиме со цел да отвориме патека која ќе го направи просторот попристапен и ќе го обедини истиот. Оваа патека ќе биде поврзана со веќе постоечката патека кај  следната зелена површина.

Првичната замисла беше оваа патека да продолжи низ сите зелени површини, со цел да направи полесен пристап од пасажот кај Котур до другиот од улица Македонија. Сепак, оваа идеја ја сведовме на создавање само една поделба кај првата зелена површина, како пробна интервенција која ќе сугерира дека патеката може да се продолжи во иднина.

Вториот дел од нашата интервенција: метална конструкција создадена од модули, која ќе биде поставена на работ од зелената површина. Металната конструкција се состои од 10 модули во два реда, односно 5 доле и 5 горе. Во секој модул ќе има по три метални столчиња на расклопување, кои ќе бидат склопени и закачени. Посетителите на паркот ќе можат да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Исто така, низ асфалтот на целиот парк ќе има нацртано “паркинг за столчиња”.

Седиштата на овие столчиња ги замисливме како платна за уметност. Дел од столчињата ќе бидат нацртани, со цел да им сугерираме на граѓаните дека и тие можат да го направат истото на останатите. Кога ќе стојат закачени на металната конструкција, столчињата ќе формираат едно импровизирано уметничко дело кое ќе биде интересно за гледање и ќе му даде карактер и живот на просторот.

Мапа од сценарија: На мапата се претставени различните конфигурации за можни просторни сценарија во врска со „паркирање“ на столчињата. Иако идејата е просторот да биде слободно интерпретиран и исто така користен, како група која сака да го оптимизира просторот, предложивме неколку типови на групно седење. Овие распореди се врзани директно со морфологијата на теренот, односно просторот помеѓу тревниците кои и самите преставуваат место за седење и се надополнети со ново поставените столчиња. Во низата од можни сценарија може да приметиме полукружни модели како оние од римскиот форум, кино формат – отворен аудиториум, аголни Г форми, линиски и двојно линиски итн.  Идејата преку оваа апсолутна мобилност на индивидуална и група игра, е да ги таргетираме сите можни варијанти на користење, како просторни конфигурации така и како таргет групи: деца, тинејџери, млади возрасни, луѓе во трета доба итн.

Типологии и можности за седење: Овој прилог служи за подетално да ги претстави можните концепти на групно или индивидуално седење, а воедно и да ги престави типологиите на конфигурации кои ќе бидат обележани на партерната тврда површина во паркот форум (бетон или асфалт). Може да се забележат четири карактеристични типови на организација, кино фронт, двојно полукружен форум, аголна змија и дволиниски групации. Како што напоменавме претходно, овој простор е целосно слободен и отворен кон субјективна интерпретација. Столчињата се исто така графитно насликани.