Date:
април 26, 2020
Ова решение е предлог дизајн изработено во рамки на Иницијативата Редизајн на јавни површини 1.0.
Технички опис: Јавна парковска површина лоцирана во паркот пред и позади амбулантата „Млин Балкан“ до „Веро“ маркет. На предметната парцела веќе постои парковска површина. На парковската површина пред амбулантата лоцирано е детско игралиште со неколку реквизити – лизгалка, лулашка, клацкалка. Во истиот простор постои кружна форма изработена во бетон со површина за седење изработена од дрво.
Целиот простор е запустен и потребна е поголема интервенција за уредување на паркот. Во зелената површина позади амбулантата се појавуваат бетонирани површини од подземните инсталации како и простор во кој се лоцирани подземни резервоари за мазут. Почитувајќи ги потребите на жителите на овој реон, како и посетителите и пациентите, инвеститорот бара збогатување на содржината, со цел да просторот биде подобро искористен.
Во делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се демонтираат детските реквизити и доколку се во добра состојба ќе се монтираат на друго место. Предниот парк ќе се користи за одмор и седење на посетителите и пациентите на амбулантата, како и на вработените во блиските објекти, институции и фирми. Целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција.
Предниот парк е свртен кон југ, а од другите три страни се високи ѕидни бариери. Со тоа се создава неповолен микроклимат со изузетно високи температури во летен период. Од тие причини не поволно да се оформи класична тревната површина која не може да ја преживее долготрајната екстремно висока температура. Зелените површини ќе се оформат околу високото зеленило во неодредени аморфни облици. Зелениот фонд ќе се збогати со посадување на уште неколку вида високостеблести зимзелени и листопадни растенија.
Неколку групации на ниско зеленило е предвидено за да го збогати партерот. Истото е конципирано како мали алпинариуми со растенија со висока издржливост, но пред се да биде застапена автохтона дендрофлора. Истите ќе се изработат во комбинација со ниски парковски светла кои ќе го потенцираат ниското зеленило.
Задниот парк ќе биде и во функција на жителите (родителите) кои живеат во овој дел. Целта е создавање на простор во кој децата ќе може да разменуваат контакти со останатите деца, а воедно и да се создаде едно чувство на слобода, пријатност, безбедност и сигурност, кои се овозможени во детското игралиште. За таа цел предвидена е опрема која може да ја користат сите деца над три години.
Високото зеленило е застапено со неколку вида високостеблести зимзелени и листопадни растенија, кои се претежно групирани на предниот дел на паркот. Состојбата на хоризонталните зелени површини е во лоша состојба, така да е потребна целосна ревитализација.
Предвидено е засадување на ловор, кој е зимзелено растение. Се одликува со брз раст и дава можност за обликување. Расте на сончани но и полузасенчени места. Бојата е зелена, со плодови бобинки со темна боја, кои потсетуваат на вишни.
Во шпалирот ќе се вметнат и неколку садници на црвен евонимус, кој со својата боја ќе даде разигран колор. Растението може да се обликува. Расте на сончани и полузасенчени места. Бојата на листот е црвена, а цутењето е во период од мај до август.