Плоштад Балет
Изработиле: Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи и Марко Мараш со ментор Ирена Милојеска
Date:
април 22, 2020
Опис на постојна состојба: Плоштад БАЛЕТ претставува мал урбан џеб во самиот центар на град Скопје. Формиран е од периметарот на висока станбена структура на југо-западната страна и ниска комерцијална на северо-источната страна. Малиот плоштад се третира како транзитна зона поради тоа што до него се пристапува преку 6 пасажи. Најчесто оваа циркулација низ него овозможува луѓето од Булевар Партизански одреди да преминат кон ул. Мирослав Крлежа.
Во однос на типологијата, овој простор може да го дефинираме како интровертен, односно место за затскривање и паузирање од интензивната градска атмосфера. Но истовремено доколку го анализираме во однос на интензитетот на користење, станува збор за јавен простор односно простор на непопречена циркулација. Во непосредното опркужување на овој мал плоштад од програмски аспект, се содржани казина, обложувалници, ноќни клубови, мали деловни простори, кафетерии, продавници за здрава храна во надворешноста на периметарот, додека во внатрешноста, се наоѓа клубот Балет кој на некој начин ја дава референтноста на овој простор и претставува симбол на ноќниот живот во нашиот град.
проблеми со локацијата
Нерамни површини го отежнуваат пристапот на лицата кои се движат со велосипед и лицата со попреченост во движењето
Отпадот во скалишното јадро кое води до подземниот паркинг како главен урбан елемент на плоштадот
Состојбата на пасажите, односно просторите кои директно не водат и ни ја најавуваат самата локацијата
Недостатокот на светлина во вечерните часови
Недостатокот на зелени површини и вегетација
ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЈА
– Да се постават нови рампи – прописно направени за да може низ овој простор непречено да поминуваат и луѓе со велосипеди како и луѓе со попреченост во движењето.
– Да се осветлат и исчистат пасажите низ кои се стига до локацијата со цел да се спречи нивно злоупотребување.
– Да се исчисти скалишното јадро од отпадот и да се постават дополнителни канти за отпад со цел тој да не се исфрла низ скалите.
– Да се постават повеќе светлосни извори во вечерните часови за поголема видливост и контрола врз тој простор.
Oчекуваните цели кои може да се постигнат со спроведување на наведените препораки и новата предвидена интервенција, е да се изгради култура и однос кон користењето на јавниот простор.
Навидум минимални интервенции може да ја подобрат праксата на третирање на просторов во иднина.
Еден од главните сегменти на кои обрнавме внимание е начинот на седење. Со оглед на тоа што имаме перманентна бетонска структура за седење која не се користи на таков начин, разгледувавме примери кои може да ја направат помека на изглед а со тоа и поудобна за користење.
Поради тоа се одлучивме за поставување на дрво како материјал во контраст на бетонот кој ќе биде прикачен со конструкција врз бетонот а притоа нема да ја уништи или загрози неговата структура, туку ќе го интезивира неговото користење на правилен начин.
Вториот аспект кој беше ставен во фокус е употребата на зеленило кое би се поставило на алтернативен начин заради тоа што се работи за плочник со подземен паркинг кој ги ограничува можностите за озеленување на плоштадот. Тоа значи дека е невозможно поставување на високо зеленило туку поставување на нови видови во веќе постоечките бетонски садници како и прикачување на метална тенка мрежа на која ќе може вертикално да се израснат растенија и да направат еден вид на зелена бариера.
Третиот и можеби најзначајниот елемент е осветлувањето. Разгледувавме примери како може да се интегрира светло во дизајнот притоа да биде интерактивно и да има некоја пропратна функција. Поставувањето на вакви вертикални високи елементи во просторот наместо обични улични светилки или ниски столпчиња, би придонеле многу повеќе во одржување на амбиентот на просторот, истовремено осветлувајќи го.
ОПИС НА ПРОСТОРНА ИНТЕРВЕНЦИЈА
Како стартна точка од која што се развиваа сите идеи беше прашањето: Зошто луѓето константо поминуваат низ овој простор а никој не се задржува во него? Што да направиме за овој простор да почне да го привлекува вниманието на луѓето? Како да ја подобриме неговата моментална состојба? Постоечката структура се користи како основа за генерирање на ново сценарио. По направени повеќе проби во однос на тоа како да се пристапи со интервенирање, одлучено е да се работи со искористување на веќе постоечките вредности на тој простор со нивно интензивирање и додавање на нови програми кои нудат појава на нови активности. Новото решение дава можност за заживување на ова јадро и причина луѓето да останат таму. Во суштината на концептот лежи трансформабилност, односно можност оваа интервенција да го менува просторот во различни временски интервали.
Новото решение се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елемнти за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го разбудиме просторот и да му донесеме нов амбиент.
Првата фаза би била поставување на дрвена платформа oд дрвени летви врз метална подконструкција околу постоечката структура за да се потенцира тој сегмент и да се издвои од површината на плоштадот.
Поради тоа што околу скалишното јадро има перманентна бетонска структура со платформи за седење, врз неа додаваме нови дрвени платформи чија димензија варира во зависност на која страна се поставени. Ваквата интервенција повлекува поставување на нов покривен елемент кој ќе ги заштитува дрвените платформи за седење. За да се постигне ова, се отстранува стариот полукружен лим и се поставува нов пофункционален, пластифициран лимен покрив кој ја следи геометријата на структурата и обезбедува заштита од природни влијанија.
Затварање на скалите исто отвара површина за формирање на нивоа за седење од дрвени плочи поставени врз метална подконструкција.
Последната интервенција која е вклучена во овој проект е вметнување на ново зеленило во рамките на можностите. За таа цел се озеленуваат кружните елементи и се поставува метална тенка мрежа на столбовите за вертикално израснување на вегетацијa која ќе му даде нов амбиент и карактер на просторот.