Skip links

Студентски дом Гоце Делчев

Изработилe: Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Марија Трајаноска, Томислав Поповски и Ермал Белули со ментори Владимир Ѓоргиевски и Сара Симоска


Date:
април 22, 2020

Опис на постојна состојба: Студентскиот дом „Гоце Делчев“, лоциран во населба Тафталиџе, е комплекс кој се протега на околу 20,000 m2, а се состои од четири блока кои вдомуваат 1200 студенти и уште еден објект кој служи како менза. Студентскиот дом, дело на архитектот Георги Константиновски, е изграден во процесот на реконструкција на градот Скопје после земјотресот од 1963 и со својата груба, геометриска форма и едноставна, блоковска структура стои како отелотворение на бетонскиот брутализам.

Во насока на подобрување на условите за живот на студентите, државниот студентскиот дом „Скопје“ презеде низа активности за ревитализација на внатрешноста и дворот на домот. Од аспект на уредување на дворното место, согласно известувањата на државниот студентскиот дом „Скопје“ , во дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ се планирани 38 клупи, 9 корпи за ѓубре, 8 паркиралишта за 5 велосипедисти. Овој податок ја дефинираше почетната точка во процесот на оформување на идејно решение за редизајн на јавниот простор околу студентскиот дом.

ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ 

Имајќи ги предвид тековните активности за уредување на дворот, членовите на групата имаа за цел да осмислат решение кое нуди додадена вредност на јавниот простор. Притоа, решението треба да го надгради и програмски да го збогати веќе планираното уредување на дворот. Од особена важност беше да се води сметка да предложеното решение биде адаптирано на специфичниот архитектонски стил на комплексот, но и да поттикнува поактивно искористување на дворот од страна на студентите.За таа цел беа идентификувани 5 локации со најголем потенцијал за редизајн. На секоја локација ѝ беше доделено име според нивните инхерентни атрибути, а беше заклучено дека секоја локација потсетува на соба во дом. Идентификуваните локации за интервенција се:

1. Living room

Оваа локација има потенцијал да стане главно збиралиште на студентите, се препорачува на оваа локација да се уреди тревата и да биде оставена празна без интервенирање, освен клупи по ободите, за да може да биде слободна за некакви културни настани на студентите.

Првата локација е централниот плоштад на дворот, сместен меѓу четирите блокови. Таа се наоѓа на фреквентна место, има излез кон сите страни на дворот и е природно збиралиште на студентите.

2. Urban kitchen

Таа е цементирано плоштатче на кое има низок бетонски ѕид кој визуелно и функционално го дели плоштадот. Тука, во urban kitchen, студентите можат да престојуваат пред и после оброците во мензата.

Со мала опрема, може да се организира готвење на отворено, да се прослави некој роденден, дипломска и слично.

3. Active corner

Освен за неформални средби, овој простор може да биде епицентар на спортските активности на домот. Со самата поставеност до спортско игралиште, на овој бетонски постоечки постамент е совршено да се постави трибина за гледање и навивање на спортски натпревари меѓу студентите, со ова ќе се развие спортскиот дух.

Пр. Проект Урбан Модулар изработен од МЕЛЕЕМ во Тетово во соработка со млади луѓе и локални жители.

4. Silent room

Silent room приватно катче сместено на неколку метри кон десно од влезот на блокот А, помеѓу низок ѕид и самата зграда. Овој простор нуди интимност и изолација. На оваа локација се препорачува да се постават клупи и зеленило за седење во внатрешната страна, со што би станало некое интимно катче каде студентите можат мирно да разговараат или да учат на отворено.

5. Urban Snake

Паркот од север и исток е ограден од два студентски блока, а кон југ и запад има пристап до бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и ул. Московска, соодветно. Неговиот простор го исполнува листопадна и зимзелена вегетација и една карактеристична бетонска градба која со својата геометриска повторливост потсетува на змија. Според тоа, оваа локација беше именувана urban snake.

Интервенцијата Urban Snake се состои од три сегменти – обнова на партерот, поставување на дизајнирана урбана опрема и осветлување.

Урбаната опрема се состои од четири модуларни коцки, сместени во запците на змиестата бетонска структура, и пет дрвени клупи кои се преклопуваат, но не ја допираат структурата. Секоја од коцките нуди различна програма, па поставени ќе бидат: • Коцка за вежбање • Коцка за одмор • Коцка за лулање • Коцка за разговор/читање.

Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата. Коцките, се поставени во наизменичен распоред околу бетонскиот постамент и тоа кон паркот и кон зградата на студентскиот дом со цел да се анимира отворениот простор од двете страни. Така, студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот. Притоа, растојанието помеѓу секоја од коцките е прикладна се со цел рамномерно анимирање на просорот.

Коцките, поставени на бетонски темел, имаат метална конструкција обоена во крем и стојат на челични потпори. Ширината, висината и должината на секоја од коцките се идентични и изнесуваат 2,40 m. Покрај нив, во непосредна близина се поставени дрвените клупи. Тие ги надополнуваат останатите запции постоечкиот бруталистички елемент, притоа давајќи му нов карактер на просторот. Имајќи предвид дека веќе може да се седи на бетонската структура, дрвените клупи ја реинтерпретираат обичната клупа во нов елемент кој ќе даде подинамично сценарио.

Дополнително, црвената боја на клупите ќе го разигра и ќе му даде нова енергија на просторот. На клупите ќе може да се седи, лежи или искачува. Сето тоа го дефинира нивниот мултифункционален карактер. Исто така, секоја од локациите, оставена на забот на времето, денес ја карактеризира неуредна вегетација и недостаток на урбана опрема. Претпоставувајќи дека овие недостатоци ќе бидат отстранети во рамки на тековните градежни активности, работната група ги фокусираше своите напори на осмислување на идејно решение за една од локациите.