Одржана прва работилница за редизајнирање на услугата за собирање кабаст отпад
На 24ти јуни во просториите на Град Скопје, се одржа првата работилница за редизајнирање на услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена. На работилницата присуствуваа претставници од јавни и приватни претпријатија кои управуваат со отпад, граѓани на Скопје кои сакаат да помогнат, претставници од различни сектори од Град Скопје, претставници од општини, занаетчии и претставници на невладиниот сектор.
На оваа прва работилница учесниците работеа на дефинирање на проблеми и причини за неправилното одлагање на отпадот (со поголем фокус на кабастиот отпад) и дефинирање на предизвик кој ќе го решаваат.
Дефинирањето на проблемите и причините беше базирано на резултатите од спроведеното примарно и секундарно истражување како и на искуствата од практичната работа на сите вклучени страни. Дел од клучните проблеми кои беа идентификувани беа поврзани со посточеката инфраструктура, информираноста на граѓаните за различните типови отпад и последиците од неправилно мешање на отпадот, постоечките услуги, нивна промоција достапност, начин на испорака, и сл.
За време на работилницата малку се продискутира и на темата однесување, митовите за промена на однесувањето и ефективни начини за постигнување одредени позитивни промени во однесувањето на граѓаните со цел заштита на животната средина.
Втората работилница ќе се одржи на 1ви јули во 12 часот во просториите на Град Скопје на која ќе се работи на мапирање на системот и дизајнирање на предлог решенија.
Следете нѐ за да бидете во тек со прогресот и резултатите од процесот.
Повеќе за проектот може да прочитате овде: https://skrati.mk/KabastOtpad