Основни и напредни обуки за користење на ИТ алатки за јавната администрација
Скопје Лаб – Центарот за иновации на Град Скопје одговори на предизвикот за забрзана дигитализација и потреба од унапредување на капацитетите со кои располага јавната администрација. За таа цел тимот на Скопје Лаб изработи видео обуки и придружен едукативен материјал за 4 ИТ алатки.
Модулите за онлајн едукација на јавната администрација се изработени така што секој индивидуално може да ги посети во било кое време од денот од било кое место, потребена е само интернет конекција.
Вкупно има четири модули: Excel (напредно ниво), Word (напредно ниво), Survey Monkey – платформа за креирање на анкети и Zoom – платформа за видео комуникација.
Во секој од модулите се објаснети сите неопходни работи за успешно користење на програмите. Опфатени се сите детали и поими како и видео упатства.
Со посетувањето на обуката за Excel (напредно ниво) ќе стекнете познавања од терминологијата која се користи, како се прави валидација и како се поставуваат графикони. Ќе научите како да внесувате податоци и да манипулирате со нив, како да вршите пресметки, како да го организирате просторот и визуелно да го уредувате документот. Исто така ќе добиете совети за полесна работа со програмот како и видео упатства.
Со посетувањето на обуката Word (напредно ниво) ќе се запознаете со поголем опсег на алатки како користење на готови темплејти, поставување или бришење на дигитален потпис, како да го зачувате вашиот документ во pdf формат и како да го заштитите. Понатаму ќе научите како да користите алатки за директно преведување на документот или сегменти од него, како визуелно да го организирате и уредите документот, како да додадете табели, формули, слики или како да го уредите текстот. Секако има и видео упатства со кои може да се послужите.
Со посетувањето на обуката за Survey Monkey – платформа за креирање на анкети, ќе научите како да регистрирате нов профил. А потоа чекор по чекор како да креирате анкета, како да ја менувате и како да отчитувате и анализирате резултати од истата. Можностите и опциите кои алатката ги нуди се претставени детално и сликовито во самиот водич.
Со посетувањето на обуката за Zoom – платформа за видео комуникација, ќе научите како да регистрирате профил и како да го инсталирате програмот. Потоа ќе научите како да се вклучите или како да креирате и закажете состанок. На крајот детално ќе се запознаете со интерфејсот на програмот и како успешно да ракувате со истиот. За сето ова да ви биде појасно има видео упатства со кои може да се послужите.
Со овие обуки Скопје Лаб придонесува администрацијата и во време на пандемија подобро да функционира и соодветно и навремено да одговори на потребите на граѓаните, а секако и да ја подобри ефикасноста на работењето.