Прогласени победничките решенија за #ВелоПаркинг
На финалната презентација на решенијата за прототип велосипедски паркинг, која се одржа на 18.05.2020, беа одбрани три решенија кои освоија награди во вредност од 700, 500 и 300 евра.
Решението „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е победник на повикот за прототип на вело паркинг, и нивното решение ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар.
Прво место – Тим 7
Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица.
Решението нуди сценарија на користење и можности за надоградување во различни програмски пакети како продолжување и дополнување на јавните површини на Транспортниот центар. Се одликува со висока естетика и креативност. Постоечкиот партер е внимателно документиран и попишани се сите типови и нивоа на оштетувања. Санацијата која е понудена е со идеја на преодно решение кое ги заменува само оштетените елементи и во целост е вклопено на дизајнот.
Понудени се четири програмски пакети кои претставуваат надградување и дополнување на еден основен модул – паркинг за велосипеди со простор за седење. За разлика од другите решенија тимот 7 нуди и ја надополнува основната програма во контекст на потребите на велосипедистите со дел за сервис за велосипеди, кабини за промена на гардерба како и кутии за подолготрајно чување на велосипедите што нуди и можност за проширување на портфолиото на услуги на меѓуградската автобуска и/или железничката станица. Решението нуди креативно, а едноставно обликување на типски/достапни материјали и елементи од дрво и челични профили. Надградливоста на решението со нови елементи е прикажано и во можноста за организирање на летно кино. Во поглед на партерот нуди особено креативен и несекојдневен пристап кој превзема делумно санирање, воведување на нови материјали со надоврзување на постоечката матријализација. Решението дефинира и простор за надградување на постоечкото зеленило и мапирање на простор за ново со цел поактивно искористување на постоечкото зеленило
Уникатност на идејата: едноставност за изведба и надоградба на тековна структира, одлична функционалност во поглед на заклучување на велосипеди, спојување со постоечки рути и насочување, хуманистички пристап кон заштита од кражби.
Елементи што ги нуди: простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема, простор за социјализација и одмор.
„Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“, изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.
Креаторите на „Велоштад“ се наградени со ваучер од 700 евра и нивното решение ќе помине во фаза на изведба. Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.
Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент!
Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.
Второ место – Тим 5
Второто место го освоија Тамара Џерков и Анастасија Ристеска кои со нивното решение понудија поиновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.
Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица
Функционалност, капацитет, можноста за изведба се одлика на овој елемент. Во дизајнот на елементот за врзување на велосипедот е очигледна намерата да се понуди стабилност како и можност за заклучување на делот од работ на велосипедот, меѓутоа широчината на бетонскиот елемент го отежнува пристапот до рамката.
Решението нуди различен пристап во контекст на дизајн на партер односно монолитен програмски пакет кој се повторува пет пати на локацијата со што се задоволува минималниот капацитет од 15 велосипеди. Монолитната изведба и применетиот материјал нуди можност на решавање на неколку различни програмски потреби преку еден динамичен профил, како и негово надградување и дополнување со потребни елементи како рекламни паноа, фотоволтаични панели, зеленило и слично. Изгледот на основниот елемент преку својата материјалност комуницира со дизајнот на Транспортен центар, а воедно нуди дополнителни функционалности особено во делот на одржливост како што е погоре наброено. Со оглед дека елементот ги покрива велосипедите претставува потенцијал за зголемување на просторот за седење во делот од тремот на Транспортниот центар, што всушност го разликува од другите решенија.
Уникатност на идејата: одржливо решение, во склад со архитектура на транспортен центар, со целосно различен пристап во трансформација на просторот.
Елементи што ги нуди: обновливи извори на енергија, зеленило во форма на жардињера, простор за поставување реклами, можност велосипедот за се заклучува на повеќе места, заштита од временски услови, простор за социјализација и одмор.
Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.
Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.
Трето место – Тим 10
Третата награда ја освои тимот Владимир Ристовски и Елена Пазарџиевска Ристовска со нивниот дизајн за вело паркинг.
Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица.
Решението на тим 10 нуди монолитен држач на велосипеди со материјализација од импрегниран бетон. Применетитот композитен материјал се одликува со иновативност и се разликува од вообичаено применетите материјали за изработка на урбана опрема што го прави уникатен и го одвојува од останатите решенија. Типот на држач и начинот на негова изработка нуди можност за негова мултипликација и примена на различни локации низ градот и неговите општини како типски елемент кој ќе стане карактеристичен за Град Скопје. А типот на изведба со челичен калап ја нуди можноста за негово неограничено производство.
Во поглед на партерното уредување пристапено е со особена чувствителност кон контекстот и архитектурата на Транспортниот центар. Со препознавање на недостатоците, оштетувањата и препреките. Како целина е понудено решение кое ги понуштува гореспоменатите недостатоци и лошиот впечаток на постоечката локација. Воедно понуденото партерно уредување предвидува надоврзување на квалитетите на просторот со продолжување на постоечката материјализација, воведување на партерни/ подни светилки и полирани плочи како сигнализација, елементи за седење. Сите применети елементи во рамки на целината се доследни едни на други. Постоечкото ниско и неуредено зеленило се заменува со високи садници кои нудат бариера кон паркингот за автомобили. Држачот за велосипеди нуди заклучување на најголем број и типови на постоечки заклучувачи.
Уникатност на идејата: иновативност во употреба на композитен материјал, во склад со архитектура на транспортен центар, со целосно различен пристап во трансформација на просторот.
Елементи што ги нуди: сензибилитет, нови материјали, бетонски клупи, цветни садници (јапонска цреша), естетска вредност, уникатен држач/модул.
Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користат постоечките елементи – подови и плафон-упи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање).
Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот.
Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.
Целосниот пренос од презентациите можете да го погледнете тука.
Сите решенија кои учествуваа во повикот ќе ги најдете тука.
Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.