Прва термална мапа на Скопје – Што се Урбаните топлински острови?
Како станав дел од овој проект?
По неколку години академски труд низ целиот свет како истржувач во областа на Далечинската Детекција и Гео-Инфомационите Системи, ми се пружи шанса да бидам дел од проект поврзан со мојот град. Си реков, нема да ја пропуштам оваа можност!
Во Мај 2018 година, заедно со моите колеги, извршивме истражување со сателитски снимки за Урбаните Топлински Острови во Скопје. Ова не беше нашето прво истражување на оваа тема, претходно имавме изработно неколку проекти поврзани со топлинските острови. Но, овој пат, проектот за мене имаше посебно значење, Скопје за мене имаше посебно значење!
Истражувањето доби голем интерес од локалните власти, поради тоа што за прв пат Скопје беше истражувано преку сателитските „очи“, а и поради актуелноста на темите глобално затоплување и урбани топлотни острови. По кратко време, добив покана да бидам дел од проектот, “ИКТ за урбана отпорност”, воден од Град Скопје и UNDP.
Што всушност претставуваат урбани топлотни острови?
Урбаните топлотни острови најлесно можат да се објаснат преку едноставен пример;
Најчесто за викендите, сите сакаме да избегаме малку подалеку од градот, на некое позелено место. Знаеме дека таквите места се посвежи од центарот на градовите, па така, температурната разлика помеѓу урбаните и руралните средини се нарекува урбани топлотни острови. Причините за ваквата појава се антропогените активности.
Како јас придонесов во овој проект?
Додека стручниот тим на ФИНКИ беше задолжен за аквизиција на податоците, нашиот тим беше задолжен за обработка на истите податоци. Па така, аквизицијата на податоците беше извршена на 24ти Август, 2018, со авионско летало Cessna 172, во попладневните часови, кога температурите на воздухот се највисоки. Тој ден, температурата на воздухот се движеше измеѓу 29 – 32.5 ⁰C од 11:00 до 16:00 часот. Аквизицијата на податоците беше извршена со две посебни камери, едната на нас сите добро позната, фотографирајќи го она што го гледаме, а втората, термална, која „собираше“ термални податоци од површината на Скопје. Како резултат од авинското снимање, добивме 20.000 фотографии од кои требаше да се изработи мапата на Скопје! Иако веќе имавме големо искуство со обработка на вакви податоци, и се изгледаше лесно на почетокот, во рок од дваесет дена, нашиот тим се соочи со огромни предизвици. Најпрво, за да се процесираат 20.000 фоторафии со голема резолуција, ни беше потребен многу добар Хардвер. Еден од компјутерите на кои ги обработувавме податоците беше со 128 GB RAM, GPU NVIDIA Quadro K4200, и Intel(R) Xeon(R) CPU E5-2643 @ 3.40 GHz. Првиот дел од податоците аквизирани со „обичната“ камера, беа процесирани за три дена, заедно со креирање на 3Д моделот, и првата мисла ни беше „Одлично! Се оди по планот!“, но не беше така. Она што предизвика огромен проблем беше недостатокот на географски податоци (координати) на податоците од термалната камера, па така сите податоци беа процесирани во локален координатен систем, а потоа, мапата беше конвертирана во националниот координатен систем со помош на високо-прецизната мапа од „обичната“ камера. Згора на се, термалната камера ја снима радијацијата намерсто температурата на површината, па дополнителни математички прсметки беа потребни за креирање на термалната мапа на Скопје.
Резултати
По три недели напорна работа, со огромно задоволство ги средувавме даталите на нашите продукти. Првиот продукт е мапа на Скопје во висока резолуција од 50 cm, или во размер 1:1000. Со исто толкава резолуција е креиран и 3-Д моделот на Скопје. Симулирано видео од 3-Д модело може да најдете на следниот линк:
Главниот продукт во овој проект е термалната мапа. Термалата мапа е со 1,5 метри резолуција, или во приближно во размер 1:3000, и ја претставува температурата на површината на градот Скопје од 24ти Август, 2018.
Финалниот продукт на овој проект се анализите за урбани топлотни острови, кои беа извршени со помош на ГИС алатки. Слично како резултатите од истражувањето извршено со сателитски снимки, резултатите покажаа дека феноменот урбани топлотни острови е присутен во Скопје. Најпогодени области од оваа појава се густо населените делови од градот како и земјоделски области со мала вегетација.
Автор
Гордана Каплан, Ph.D. кандидат
Гордана Каплан ја доби својата магистерска диплома по геодезија од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје, Македонија, во 2014 година. Во февруари 2015 година ги започна своите докторски студии на Универзитетот Анадолу, Ескишехир, Турција, како добитник на стипендија од организацијата “Turkiye Burslari”. Во моментов, работи како истражувач на Научниот институт за Земјата и вселената на Универзитетот Анадолу. Нејзините тековни истражувачки интереси вклучуваат техники на далечинска детекција и географски информациони системи, мапирање и следење на водите и водните површини со користење различни сателитски податоци, како и анализи на површинската температура и анализи на урбаните топлински острови.
https://www.researchgate.net/profile/Gordana_Jovanovska_Kaplan
Дознајте повеќе за урбаните топлотни острови и нивниот ефект во документите на следниов линк: https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/proekti/otporno-skopje-pogolema-odrzhlivost-i-inovatsii-za-spravuvane-so-klimatskite-promeni/