Skip links

Решение 10

Изработиле: Владимир Ристески и Елена Пазарџиевска Ристовска


Дата:
јуни 3, 2020
Дизајн на пјацета

Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користи постоечката мрежа на конструктивни елементи – подови и плафони во која потоа се вметнуваат останатите урбани елементи – клупи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило.

Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање). Со дополнување од истиот материјал на местото на сегашниот земјен појас се проширува контактната зона меѓу паркингот и зградата на Автобуската станица и се овозможува и дополнителен простор за движење и чекање пред објекот.

Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи во форма на едноставни кубуси. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање.

Функционално пјацетата е поделена на неколку линиски зони. Делот кон ѕидот на Железничката станица е ослободен за движење на пешаци и претставува наткриена пасарела преку која се стигнува до влезот на Автобуската станица. Зоната помеѓу столбовите е искористена за поставување на паркинзи за велосипеди. Следната зона е наткриен дел со клупи наменет за седење. Последна е зоната со цветните садници.

Дизајн на модул

Паркингот за велосипеди поаѓа од постоечката дизајн матрица. Тој претставува вертикален урбан елемент чија форма е добиена со делење на еден модул од постоечката подна мрежа. Тој има форма на триаголна призма која добива заоблени рабови и отвор кој служи за заклучување на велосипедите во неколку точки. Има релативно мали димензии, што го прави соодветен за употреба и на потесни локации.

Благодарение на димензиите, тој не го окупира (или блокира) пешачкиот простор и движење во периодите кога на него нема паркирани велосипеди. Ова е особено значајно за функционирањето на вело плацетата како целина. Висината на држачот овозможува лесно фиксирање на велосипедот, без потреба од наведнување. Естетската вредност на овој држач е неговото максимално вклопување во сликата на Транспортниот центар – како израз, форма и материјализација.

Предноста на ваков едничен модул за паркирање наспроти групните држачи е во можноста за лесно менување на бројот и распоредот на држачи според потребите и расположливиот простор. Како илустрација во проектот се покажани неколку можни варијанти на редење, во кои држачите можат да се поставуваат и фазно – дел по дел со постепено зголемување на бројот доколку е потребно. Во основата на пјацетата е приложена варијанта со 16 држачи која одговара на барањата на конкурсот.

Варијанти на позиционирање на велосипеди.

Држачот е изработен од специјално креирана смеса на цементна база, според рецептура наменета за ваков тип на елементи. Во составот има цемент,вода и агрегат со различна гранулација, како и влакна за зајакнување. Планирано е да се произведе во контролирани услови преку лиење во специјално изработен калап од челик. Смесата по изливањето во калапот се вибрира за да се воедначи структурата и да се оневозможи формирање на воздушни меури, кои би го ослабнале држачот. Смесата стои во калапот 28 дена за да ја постигне потребната јачина (35-45 МPa).

По вадење од калапот држачот се премачкува со безбоен лак за заштита од атмосферските влијанија. Пред лиење во калапот се поставуваат и неколку арматурни прачки заварени за челична плочка со која држачот ќе се прицврсти на темелот. Вака монтираниот држач се поставува на бетонска подлога (темел самец или плоча), во која претхдно се поставени анкер штрафови. Челичната плочка останува под нивото на предвидениот партер, со што се овозможува трајна врска со подлогата и неможност за било какво одстранување.

Компатибилност со други велосипеди.

Технологијата за изведба на држачот е направена согласно консултациите со домашни фирми,кои изработуваат ваков тип на елементи и е целосно изводлива. Материјалот е исто така лесно достапен и со ефтина цена. Изработката на пробни калапи и примероци е составен дел од процедурата за изведба на вело-паркинзите и таа целосно се вклопува во предвидениот буџет. Калапот кој ќе биде изработен ќе овозможи изработка на повеќе парчиња, што значи дека и би можеле да се произведат нови држачи за некои идни потреби на градот Скопје.

Сакате да дознаете повеќе? Проверете ги долните линкови!
Целосно решение
Целосна презентација
Видео од настанот