Date:
јуни 3, 2020
ПОЧЕТНИ ТОЧКИ ОД ПЛАНИРАЊЕТО
Избор на локација
Контекст во однос на локацијата и околината
Ориентација и осончување
анализа
Во контекст на постојната локација, важно е да се напомене дека се работи за простор со специфичен карактер и атмосфера, иако во однос на одржливоста и користењето е неатрактивен на прв поглед. Непостоењето на адекватна урбана опрема, приспособена инфраструктура за сите видови на сообраќај, поврзана преку зелени градски џебови, го прават овој пасаж, небезбеден во ноќните часови, иако поради близината на транспортниот нуклеус на градот се забележува континуирана циркулација на корисници во текот на денот.
Еден од главните атрибути што ги поседува овој јавен простор е токму суптилната затскриеност. Јан Гејл во својата книга “Градови за луѓе” овој феномен уште го нарекува и “феномен на аголот”. Способноста на еден простор да понуди привремена заштита и засолниште и покрај неговиот варијабилен карактер.
пјацета
Поради местоположбата на локацијата се среќаваат многу корисници чии траектории се вкрстуваат. Луѓе кои само што пристиганале на меѓуградските перони или пак оние кои пречекуваат некого. Паркингот за автомобили и такси возила кој се граничи со локацијата претставува почетна или крајна точка на дел од корисниците. Поголемиот дел од луѓето ја бираат локацијава за краток одмор, средување на багажот или барање такси. Ваквите околности ја покажуваат потребата од урбан мебел кој ќе им овозможи на овие корисници удобно да го поминат времето на новиот урбан простор.
Постојното ниско зеленило кое од кота нула се сместува во жардињери во склоп на модуларни клупи, на тој начин се ослободува движењето во сите правци од паркингот за автомобили. За непречено пешачење, паркингот за велосипеди се поставува покрај постоечките столбови, со што се создаваат две патеки за движење, а просторот за маневрирање при паркирање на велосипедите е помеѓу групираните држачи.
Постојна состојба
новопроектирана состојба
анализа на држачот
Држачот претставува дизајн кој е комбинација од двата типични држачи за паркирање на велосипед, “butterfly” и “hoop” модел. Со комбинација на овие два типа се добива држач кој истовремено дава поддршка на рамот на велосипедот, како и фиксирање на предното тркало со што се оневозможува неговото вртење при потпрена положба на велосипедот и го заштитува од паѓање во оваа ситуација.
Со ваквата положба велосипедот останува исправен и потпрен и во услови на ветер. Надолжниот дел од држачот кој претставува потпора за велосипедот има закривена линија, која од предното тркало се подигнува кон задното тркало со што се овозможува лесно поставување на најразлични типови велосипеди, како и велосипеди со корпа, а највисоката точка претставува место на потпирање на седиштето, со цел да се избегне потпирање на рамката на велосипедот и нејзино оштетување или гребење, иако самиот држач има завршен слој од пластисол кој нуди мека допирна точка.
Држачот има капацитет од три велосипеди, поставени на 60cm, кои едни во однос на други се изместени за 60cm што остава простор за комотно стоење од страната на велосипедот при неговото паркирање и заклучување. Ваквото изместување овозможува лесно паркирање и излегување на велосипедите без тие меѓусебно да се судираат во делот на воланите. Покрај примарната функција за 3 велосипеди, држачот во услови на поголема побарувачка може да прими уште дополнителни 3 велосипеди од другата страна, во зависност од тоа како е поставен во околината.
Држачот претставува една континуирана линија, односно местата за 3 велосипеди се поврзани меѓусебно што овозможува да биде втемелен во две точки, со што се олеснува чистењето околу и под него, а предност има и во самото монтирање.
во однос на контекстот
Фрекфентноста на луѓето ја прават локацијата безбедна за поставување на паркинг за велосипеди за краткотрајно паркирање. Работното време на автобуската и железничката станица кое е 24/7 го поставува барањето местото да е безбедно и во текот на ноќта. Покрај постоечкото осветлување на плафонот, се предвидува и дополнително осветлување со ЛЕД светлосни ленти кои ги врамуваат прозорските отвори на фасадата. Жолтата боја како највпечатлива е бојата на држачот, како и на столбовите кои ги означуваат местата на групираните држачи и кои се видливи од поголеми дистанци.
Визуелна сигнализација за паркинг е присутна и на подот, односно со одделување на една трака во боја од патеката која води до држачот за паркирање. Симбол е поставен и на вертикална рамнина, како мурал, на фасадата на железничката станица. Секој држач претставува симбиоза на три елементи, но можни се и варијации соодветно на дадената локација. Како дополнителна опрема околу држачите се поставува и еден фиксен држач со алатки за сервис на велосипед заедно со фиксна рачна пумпа, а во останатите полиња околу држачите се поставуваат клупи за одмор.