Иновации во јавниот сектор — реалност или илузија?
Неефикасноста на јавните услуги и бавната јавна администрација не значи дека јавниот сектор не може, не знае, и не иновира. Но, од каде ваквото негативно мислење за иновациите во јавниот сектор?
Причините ги согледуваме во јавниот сектор низ светот, особено во последните години, којшто се соочува со притисок да се приспособи на тековните проблеми и промени. Фискалниот притисок, растечките очекувања на јавноста од јавните услуги, стареењето на популацијата, миграцијата и климатските промени се само дел од факторите кои директно влијаат на иновирањето во јавниот сектор.
Многумина сметаат дека само во бизнис секторот има можност за натпревар и иновација. Но, би сакале да го докажеме спротивното. Идеите во јавниот сектор не се непостоечки, сепак тие се најчесто блокирани, испуштени, а многу често и заборавени. Погледнувајќи низ минатото, ќе видиме дека најголемите и најзначајните иновации се јавија токму во комуникациите, материјалите и енергијата од богатите феудалци, влади и војска многу порано од иновациите во приватниот сектор, коишто се појавија дури во последните години од 19тиот век.
Интернетот и веб пребарувачот, најголемите и најзначајните иновации во последните 50 години, излегоа од јавни организации: Агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана (DARPA), ЦЕРН (CERN), и Европската организација за нуклеарно истражување.
Сепак, мислењето дека нема иновации во јавниот сектор и не е неосновано.
Кога целта е подобрување на јавните услуги и општеството во целина, иновациите во јавниот сектор се можни и неопходни!
За ова сведочи успешната приказна на главниот град на Колумбија, инспиративниот Медејин. Овој втор по големина град во Колумбија кој е познат по Пабло Ескобар, насилство, кокаин и нарко/трафиканти, во 2012 година беше прогласен за најиновативен град на светот, земајќи им го местото на Тел Авив и Њу Јорк.
Како Медејин успеа од најопасен град во деведесеттите да прерасне во нај иновативен град во 2012 година?
Истражување и работа на терен
Еден од проблемите со кои се соочуваа граѓаните на Медејин беше нееднаквоста и сиромаштијата. Само замислете си слика од населби лоцирани на ридови и трошни куќи од кадешто жителите пешачат и по неколку часа за да стигнат на работа. Со цел да направи промена, тогашниот градоначалник на Медејин, Серхио Фахардо, (Sergio Fajardo, 2004-2007), за време на својот мандат организираше тим којшто започна да ги истражува проблемите на најмаргинализираните населби на терен, што беше спротивно од вообичаената практика на административното работење. Поминувајќи време на терен, тимот идентификува дека граѓаните во сиромашните населби секојдневно се соочуваат со криминал и насилство кое е концентрирано на специфични места во населбите. Со цел да ги трансформира овие точки на насилство и криминал во места каде се создава култура и владее мир, градските власти одлучуваат да изградат паркови, спортски терени, образовни и транспортни објекти на токму тие точки коишто се познати по најголемо насилство и трговија со дрога.
Соработка со целните групи
Свесни за тоа дека не може сами да ги решат проблемите, градските власти во Медејин решаваат спортските терени, ескалаторите и станиците за гондолата кои денес функционираат како главно превозно средство за сиромашните кои живеат на ридестите делови од градот да ги изградат во соработка со локалното население. Во дискусиите со локалните претставници, идентификувано е како да се задржи постоечкиот екосистем и динамика која постои во заедницата, а во исто време да се изнајдат решенија кои ќе го подобрат квалитетот на живот и ќе ги намалат проблемите со коишто се соочуваат жителите секојдевно.
Сепак, со изградбата на ескалаторите и гондолите не се решија сите проблеми во сиромашните населби и финансиската ситуација на многу луѓе и понатаму остана иста. Но, ова беше чекор напред со оглед на фактот дека драстично се подобри квалитетот на живот на граѓаните, особено на постарите лица и лицата со инвалидитет. Луѓето добија повеќе време за рекреација, за пријателите и семејството како и можност за обавување на дополнителна работа.
Вложување во функционални и образовни проекти
Со цел да се смени духот на градот и да се отстрани сликата за Медејин како место кадешто владее криминал, насилство и трговија со дрога, градските власти одлучуваат најубавите архитектонски објекти да ги изградат во најсиромашните делови. „Нашите најубави згради мора да бидат во најсиромашните делови на градот бидејќи таму се најпотребни и ќе помогнат во трансформација на населбата но и градот во целост.“ – Серхио Фахардо.
Местата коишто претходно беа напуштени се претвораат во културни, образовни и рекреативни центри. Овде вреди да се споменат гондолата, ботаничката градина во Медејин, паркот Explora, Рута Н (центар за иновации), библиотеката од Шпанија.
Интегриран пристап кон решавање на проблемите
Управувањето со вработените во јавниот сектор беше еден од најголемите проблеми во Медејин. Со цел да се справи со овој проблем, при стапување на водечката позиција во градот, Серхио Фахардо решава да вработи дополнителен кадар и да го смени постоечкиот начин на работа.
Преку ваквиот пристап градоначалникот се обиде да ја обедини администрацијата и да ја приклони кон новиот концепт на работење – реализација на интегрални урбани проекти (Proyectos urbanos integrales), методологија за системско решавање на проблемот. Во комуникација со населението, градоначалникот ги поставува насилството и движењето на граѓаните од нивните домови па се до работните места, рекреативните центри и образованите установи како приоритетни проблеми на кои треба да им се најде решение.
Во транспортниот систем се дизајнира и инсталира систем на гондоли кој покрај туристичка атрактивност и релативно лесната инсталација на ридест предел, влијае на однесувањето на луѓето, тргајќи ги од улиците каде се се собираат криминалците и се случува насилство. Покрај искуството со возење во гондоли се нудат и бесплатни книги, кои патниците може да ги користат кога се превезуваат од една до друга станица со цел поттикнување на развојот на културата кај граѓаните. Дополнително со изградба на мрежа на спортски и рекреативни центри на местата кои претходно се концентрираше најмногу криминал и насилство се намали стапката на криминал бидејќи збирните места на криминалците на јавни места се ограничија. Наместо со криминал, младите почнаа да практикуваат спортови и да ги користат јавните рекреативни центри за друштвено-продуктивни цели.
Континуитет
Заслугата за трансформацијата за Медејин се должи на многу повеќе луѓе отколку што се претставени во оваа статија. Но, целта е да се истакне дека преку паметно и посветено лидерство и интегриран пристап во работењето, успехот во воспоставување на темелите за промена е неизбежен.
Со ваквиот начин на работа, во случајот со Медејин, лидерството на градот успеа да ја врати самодовербата на граѓаните дека можат повеќе, а истовремено и нивната доверба во јавниот сектор.
Иако ваквиот континуитет не може да се загарантира, сепак она што треба да се запамети е дека поставување на добри темели и практики водат кон позитивни промени и истите треба континуирано да се негуваат и наградуваат.
Примерот за Медејин е само еден од примерите како желбата на администрацијата и лидерите и заедничката соработка со граѓаните може да помогне за остварување на позитивни промени во градовите. Она што мора да сме свесни е дека за поттикнување на иновации во јавниот сектор не се секогаш доволни само притисоците од јавноста за поефективни услуги. Понекогаш е потребно и да не се занемари потребата за оддавање на признание на вработените во јавниот сектор кои ги извршуваат услугите и речиси секогаш се директно изложени на критики, а имаат аспирации и желба да променат нешто. Тие треба да се охрабрат и да ги бараат промените кај своите претпоставени бидејки промената нема сама по себе да дојде. Со секој разговор за промена на начинот на работа се всадува семе во главата на лидерите кое може да вроди со плод. Секогаш „семето“ не раѓа со плод, но успехот зависи и од тоа како се „сади семето“. Многу е важен начинот на комуникација и како се предложуваат идеите. На темата комуникација, може да разговараме во нареден блог.
И за крај да размислиме – Што може ние заедно и секој индивидуално да направи за го подобри квалитетот на живот во Скопје?
Извори:
Aghili, Saalar. “Medellín Rising: Interview with Governor Sergio Fajardo.” Berkley Political Review, јуни 5, 2016. Достапно на: https://bpr.berkeley.edu/2016/06/05/medellin-rising-interview-with-governor-sergio-fajardo/. Пристапено на: 2017.08.31.
“City of the Year.” Arch Student. Достапно на: http://arch-student.com/wp-content/uploads/2013/09/City-of-the-Year-2012-Medellin.jpg. Пристапено на: 2017.08.31.
“Colombia’s Medellin named ‘most innovative city’”. BBC News, март 1, 2013. Достапно на: http://www.bbc.com/news/world-latin-america-21638308. Пристапено на: 2017.08.31.
“FROM FEAR TO HOPE IN COLOMBIA: SERGIO FAJARDO AND MEDELLÍN, 2004 – 2007.” Innovation for Successful Societies. Princeton University, декември 2010. Достапно на: https://successfulsocieties.princeton.edu/sites/successfulsocieties/files/Policy_Note_ID116.pdf. Пристапно на: 2017.08.31.
“Medellín, Colombia conferred Lee Kuan Yew World City Prize 2016.” Urban Redevelopment Authority, март 16. 2016. Достапно на: https://www.ura.gov.sg/uol/media-room/news/2016/mar/pr16-16.aspx. Пристапено на: 2017.09.03.
Scruggs, Gregory. “Latin America’s New Superstar.” NextCity, март 31, 2014. Достапно на: https://nextcity.org/features/view/medellins-eternal-spring-social-urbanism-transforms-latin-america. Пристапено на: 2017.09.03.
Swope, Christopher. “How Medellín revived itself, Part 4: the road to “most innovative city”. Citiscope, април 11, 2014. Достапно на: http://citiscope.org/story/2014/how-medellin-revived-itself-part-4-road-most-innovative-city. Пристапено на: 2017.08.31.