Анализа на корисничко искуство на Националниот портал за е-услуги

Центарот за иновации на Град Скопје – СкопјеЛаб во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и УНДП во периодот 21-29 декември работат на тестирање на Националниот Портал за е-услуги кој ќе биде објавен во 2018 година а кој ќе служи како единствена точка на контакт со државните институции со цел зголемување на нивната ефикасност, обезбедување побрзи и поедноставни услуги.

Целта на тестирањето е да со види корисничко (не техничко) искуство при користење на порталот со цел истиот да биде дизајниран на начин на кој ќе им служи на сите граѓани.

Тестирањето се спроведува (25-26ти декември) во просториите на Центарот за социјални иновации (Social Innovation Hub) на ФИНКИ кои како пријател на иницијативата излегоа во пресрет и ја препознаа вредноста на активноста.

Во овој период 40тина корисници од различни групи (пол, возраст, ниво на дигитална писменост, степен на попреченост, националност, итн.) се поканети да го тестираат порталот и да дадат нивно мислење и коментари за корисноста, начинот на презентација и структура на информациите, типот на информации кои се нудат, дизајн, читливост, разбирање итн. Ваквиот начин на дизајнирање со фокус на корисникот кој е во основата на работењето на СкопјеЛаб е особено важен за исполнување на целите и задоволување на потребите на корисниците.

Тестирањето на Националниот Портал за е-услуги “Една точка на услуги” е втората активност која произлегува од меморандумот за соработка кој се потпиша помеѓу МИОА и УНДП за кој повеќе информации може да најдете овде – http://www.mio.gov.mk/?q=node/4529.