Изработени финални концепти од работилницата за редизајн Скопје 2.0
Втората фаза од иницијативата Редизајн на јавни површини во Скопје Скопје 2.0 усвои односно промовира еден нов иновативен и инклузивен пристап во креирање на концепти кој се води по принцип – ко-дизајнирање со граѓаните за граѓаните.
Оваа фаза опфати креирање на концепти за уредување на 9 јавни површини кои беа мапирани во соработка со Град Скопје и локалната професионална заедница.
Погледнете ги финалните концепти од работилницата за редизајн на јавен простор.
Ул. Коле Неделковски
Беким Бајмак, Бобан Трпо
Концепт: Мал парк на едниот крај на улицата со воден ѕид кој ќе игра улога на звучна бариера за звуците кои доаѓаат од булеварот „Илинден“. Се садат дрва кои прават сенка на една голема клупа, поставена на средина од паркот. Партерот е калдрма каде во меѓупросторите има зеленило (трева). Од едната страна на улицата се гради објект со приземје со комерцијална програма.
Атмосфера на новопроектираната состојба: Тивка, пријатна на изглед, мирна со доволно простор и за движење и за седење. Клупата под сенка на дрвата е привлечно место за одмор за случајните менувачи, но и место за социјална интеракција помеѓу жителите на улицата. Фонтаната само дополнително ги поканува минувачите да се задржат во просторот, додека водениот ѕид го прави местото изолирано од секојдневниот сообраќаен градски метеж.
Очекувани резултати: Би се зголемил бројот на посетители на улицата, би се зголемила социјализацијата помеѓу станарите. Би се решил проблемот со паркирањето, односно би се променил односот на граѓаните кон улицата. За нив оваа улица повеќе нема да е место каде ги паркираат колите, туку место каде што можат да се сретнуваат и дружат. Понатаму улицата би станала препознатливо место и за граѓаните кои не живеат таму поради „водениот ѕид“. Тоа би предизвикало препознавање на ново атрактивно градско катче кое поканува и поттикнува комуникација.
ул. 8ми март
Перица Кипријановиќ, Живкица Димитријеска
Концепт: Заради зачувување на постоечките дрва предложено е спојување на двата отвора и изработка на една голема жардињера која ќе ги вклучи и липите, со цел да се ослободат корените и да се овозможи нивно “дишење“. Во продолжение на тоа предвидена е платформа од префабрикувани елементи на која ќе има две клупи со органска форма која дозволува различен тип на седење односно индивидуално или во група. На крајот на оваа жардињера се предвидува и фонтана налик градска чешма која треба да овозможи користење и инклузивност за сите, вклучувајќи и лица со попреченост и миленичиња.
Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголема раздвиженост и повеќе функционален заеднички простор што придонесува до подобра маалска заедница.
Очекувани резултати: Поголема социјализација помеѓу жителите и граѓаните, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипедисти, пожива улична атмосфера. Грижата од страна на станарите на таа улица за зеленилото, што придонесува до нивно меѓусебно здружување со заедничка цел – грижа за просторот. На овој начин би се зајакнале соседските врски. Тоа придонесува и до намалена стапка на провали поради зголемената фрекфенција на луѓе.
ул. Крсто Баиќ
Братислав Зарески, Сања Кесеровиќ
Концепт: Предвиденото решение ја замислува улицата како урбано пацио на отворено, со капацитет за социјализација и одморање на жителите, минувачите и нивните миленици. Соживување со атмосферата на ова ново културно катче преку различни елементи и зелени зони со урбана опрема и паркинг за велосипеди, при што се очекува намалување на бројот на паркирани автомобили на улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и вградување на велосипедска патека паралелно по должината на едниот пешачки тротоар. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици и тоа во вид на инка. Нов свеж амбиент на улицата, решавање на проблемот со паркирањето на автомобилите (истите да бидат паркирани на официјално назначените паркинзи во блиска околина), добива карактеристики на јавно катче за социјализација и одмор.
Очекувани резултати: Локалните жители го одржуваат овој ново-вграден простор (полевање на растенијата, чување на урбаната опрема од несовесните граѓани); одржување на приватни собири помеѓу соседите и мини-манифестации отворени за граѓаните од целиот град. На овој начин се зацврстува социјализацијата помеѓу граѓаните кои живеат тука и останататите граѓани кои минуваат. Јакне локалната малска заедница и се создава идетификација со местото.
ул. Кукушка
Фросина Ангелеска, Јована Величковиќ
Концепт: Интервенцијата предвидува стеснување на влезот од булевар „Илинден” и означување со боја која води кон внатрешноста на улицата. Поставување на зелен ѕид со мал простор за седење, кој го ограничува погледот и поканува да се види што има внатре во улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и се овозможува пристап за велосипедисти и лица со попреченост. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици, во вид на инка. Во внатрешноста се реорганизира паркингот. Возилата кои паркираат на постојниот паркинг сега заземаат само половина од истиот и паркираат само во почетокот поркај улицата. Останатата половина од паркингот е искористена за детски парк и зеленило со што се оживува просторот. Се предвидуваат повеќе корпи за отпадоци и соодветно осветлување. Конечната цел е зајакнување на маалската заедница и препознатливост на местото
Челичната конструкција на игралиштето е поделено во еднакви модули, кое може да се изведе на најразличен начин. Покрај поставувањето на детските реквизити за играње, се предвидува и простор за седење на родителите. Со ова решение ќе се обезбеди поголема социјализација, повикување на децата надвор на улица, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипеди и жива улична атмосфера.
ул. БЛАГОЈА СТРАЧКОВ
Несим Рочи, Љубица Ефтимова
Концепт: Улицата како урбана соба за социјализирање и одмор за жителите, минувачите и животните преку различни микроклими и урбана опрема, а паркирање во гаражи.
Атмосфера на новопроектираната состојба: Отворено, покриено, слободно, сигурно, мирно, социјализирање, визуелни искуства со различна боја: растеније што менува боја и повеќе микроклими
Очекувани резултати: Решавање на проблемот со нелегално паркирање и улицата да се користи за социјализација и одмор освен за поминување. Одржување на мали настани и состаноци на отворено со организирано седење на рампата долж широчината на улицата што би му дало нов идентитет на местото – како место за средба. Ваквата содржина би ја зголемила социјалната интеракција на граѓаните и би ја зајакнала маалската заедница.
Ул. Коле Неделковски
Маја Вукадиновиќ
Концепт: Кругови во жолта боја ги обележуваат позициите на кои се забележани постоечки активности на улицата, со додавање на урбана опрема создаваме места на кои ќе биде потенцирана веќе постоечката активност. Со светло сива боја се обележани просторите за паркирање на автомобили, ги поставуваме на истите позиции кои во моментот се користат, со таа промена што сега ги регулираме со боја на подлогата. Истите кога не би се користат како паркинг, може да се сметаат како продолжување на прстените кои ги дефинираме со другите бои.
Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголем број на активности кои генерираат фрекфентност. Со бојата предизвикуваме одредени чувства, на пример: жолтата е одбрана како весела боја која поттикнува развој кај луѓето, а посебно кај децата. Се предизвикуваат нови интеракции кои поради недостаткот на јавен простор до сега не биле можни. Очекувани примарни резултати: Со воведување на овие промени се зголемува и безбедноста на улицата. При интеракциите луѓето повеќе се запознаваат со што го враќаме тоа чувство на соседство како социјална структура, а не само физичка поставеност. Секундарни резултати: Улица која припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Зголемување на свеста на луѓето за потребата од човечки содржини кои ќе се наслојуваат и надоврзуваат, наспроти комплетната едноличност и хаотичност на моменталната состојба.
Парк Форум
Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева и Бојана Митковска
Нашата интервенција се состои од две промени: поделба на една од зелените површини и додавање на метална конструкција со дифузни места за седење.
Првиот дел од нашата интервенција: сакаме да го скршиме бетонот и да ја поделиме првата зелена површина гледано од пасажот кај Котур. Ова го правиме со цел да отвориме патека која ќе го направи просторот попристапен и ќе го обедини истиот. Оваа патека ќе биде поврзана со веќе постоечката патека кај следната зелена површина.
Првичната замисла беше оваа патека да продолжи низ сите зелени површини, со цел да направи полесен пристап од пасажот кај Котур до другиот од улица Македонија. Сепак, оваа идеја ја сведовме на создавање само една поделба кај првата зелена површина, како пробна интервенција која ќе сугерира дека патеката може да се продолжи во иднина.
Вториот дел од нашата интервенција: метална конструкција создадена од модули, која ќе биде поставена на работ од зелената површина. Металната конструкција се состои од 10 модули во два реда, односно 5 доле и 5 горе. Во секој модул ќе има по три метални столчиња на расклопување, кои ќе бидат склопени и закачени. Посетителите на паркот ќе можат да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Исто така, низ асфалтот на целиот парк ќе има нацртано “паркинг за столчиња”. Седиштата на овие столчиња ги замисливме како платна за уметност. Дел од столчињата ќе бидат нацртани, со цел да им сугерираме на граѓаните дека и тие можат да го направат истото на останатите. Кога ќе стојат закачени на металната конструкција, столчињата ќе формираат едно импровизирано уметничко дело кое ќе биде интересно за гледање и ќе му даде карактер и живот на просторот.
Двор на Студентски дом „Гоце Делчев“
Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски, Ермал Белули
Интервенцијата Urban Snake се состои од три сегменти – обнова на партерот, поставување на дизајнирана урбана опрема и осветлување. Урбаната опрема се состои од четири модуларни коцки, сместени во запците на змиестата бетонска структура, и пет дрвени клупи кои се преклопуваат, но не ја допираат структурата. Секоја од коцките нуди различна програма, па поставени ќе бидат:
- Коцка за вежбање
- Коцка за одмор
- Коцка за лулање
- Коцка за разговор/читање
Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата. Коцките, се поставени во наизменичен распоред околу бетонскиот постамент и тоа кон паркот и кон зградата на студентскиот дом со цел да се анимира отворениот простор од двете страни. Така, студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот. Притоа, растојанието помеѓу секоја од коцките е прикладна се со цел рамномерно анимирање на просорот. Коцките, поставени на бетонски темел, имаат метална конструкција обоена во крем и стојат на челични потпори. Ширината, висината и должината на секоја од коцките се идентични и изнесуваат 2,40 m. Покрај нив, во непосредна близина се поставени дрвените клупи. Тие ги надополнуваат останатите запции постоечкиот бруталистички елемент, притоа давајќи му нов карактер на просторот. Имајќи предвид дека веќе може да се седи на бетонската структура, дрвените клупи ја реинтерпретираат обичната клупа во нов елемент кој ќе даде подинамично сценарио. Дополнително, црвената боја на клупите ќе го разигра и ќе му даде нова енергија на просторот. На клупите ќе може да се седи, лежи или искачува. Сето тоа го дефинира нивниот мултифункционален карактер.
Плоштад Балет
Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи, Марко Мараш
Новото решение се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елемнти за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го разбудиме просторот и да му донесеме нов амбиент. Истите тие интервенции би можеле да почнат да се поставуваат откако тој простор ќе биде среден според горенаведените препораки. Првата фаза би била поставување на дрвена платформа oд дрвени летви врз метална подконструкција околу постоечката структура за да се потенцира тој сегмент и да се издвои од површината на плоштадот. Поради тоа што околу скалишното јадро има перманентна бетонска структура со платформи за седење, врз неа додаваме нови дрвени платформи чија димензија варира во зависност на која страна се поставени. Ваквата интервенција повлекува поставување на нов покривен елемент кој ќе ги заштитува дрвените платформи за седење.
Следниот чекор е затварање на скалите кои водат до подземниот паркинг поради тоа што се неупотребливи и моментално служат како дупка за отпад. Со нивното затварање се отвара површина за формирање на мали различни нивоа за седење од дрвени плочи поставени врз метална подконструкција. Земајќи го предвид фактот дека на тој простор му недостасува светлина во текот на вечерните часови, во концептот се интегрираат и светлосни елементи кои всушност ја предизвикуваат таа трансформација на плоштадот. Овие елементи покрај светлосна функција, му даваат нова композиција на просторот и атрактивни визури кон него, гледајќи од пасажите. Исто така ги замислуваме и како елементи за потпирање во идеални ситуации кога нема да има доволно место за седење околу и во новата структура. Последната интервенција која е вклучена во овој проект е вметнување на ново зеленило во рамките на можностите. За таа цел се озеленуваат кружните елементи и се поставува метална тенка мрежа на столбовите за вертикално израснување на вегетацијa која ќе му даде нов амбиент и карактер на просторот.
Менторите кои посветено им помагаа на учесниците во текот на работилниците се: Владимир Ѓоргиевски, Сара Симоска, Ирена Милојеска, Никола Ѓорѓиевски, Ива Петрунова, Дамјан Момировски, Лидија Ристовска и Оливер Илиевски.
Целосно развиените концепти ќе ги најдете на линковите подолу:
Повеќе за проектот можете да прочитате тука.