Разоткривање на митовите: 5 работи кои треба да ги знаете за зелената инфраструктура
Повеќе од 600 милиони луѓе немаат чиста вода за пиење. Секоја година сушата влијае на повеќе од 35 милиони луѓе. А до 2050, 1.3 милијарди луѓе ќе живеат во подрачја склони на поплави. Повеќето луѓе мислат дека градењето брани, пречистителни станици и друга инфраструктура е единственото решение за овие проблеми – но тоа е само затоа што тие не ги земаат предвид многуте придобивки од зелената инфраструктура.
Фотографија: Marizilda Cruppe/Flickr
Зелената инфраструктура како на пример, здравите шуми, мочуриштата и коралните гребени може евтино и ефикасно да ги подобри перформансите на традиционалните градби или „сивата инфраструктура“. На пример, зелените покриви може да ја задржат дождовницата, намалувајќи го поплавувањето и притисокот на канализационите системи; мангровите шуми може да ги надополнат морските ѕидови со намалување на бурата. Сепак, зелено-сивите проекти остануваат релативно неинтересни главно заради постојаните митови за нивната изводливост.
Новиот извештај на Светска Банка и WRI покажува како интегрирањето на зелената инфраструктура при главното планирање на проекти и инвестиции може да помогне да се пополни светската празнина во однос на водената инфраструктура. Овде, ние ги разоткриваме петте митови кои ја уназадуваат зелената инфраструктура:
1 МИТ: Инфраструктурата е изработена од бетон и челик
Природните системи како шро се шумите, поплавните подрачја, почвите и мочуриштата можат да придонесат за сигурно снабдување со чиста вода, заштита од суши и поплави и подобрување на земјоделската продуктивност. Зелената и сивата инфраструктура може да се користи во тандем за да се подобрат севкупните перформанси на системот и отпорноста на климата, често пати по пониска цена.
Некои влади отидоа понатаму во размислувањето за инфраструктурата, односно не само како за градежни проекти. Перу сега има закон со кој се бара претпријатијата за водоснабдување да одвојат дел од своите приходи за реинвестирање во зелена инфраструктура како на пример, пошумување и одржливи земјоделски проекти низводно од пречистителните станици. Калифорнија ги класифицира водотеците како инфраструктурни компоненти. Кинеската Национална програма за сунѓерести градови има за цел да го намали поплавувањето од атмосферските води и повторно да ја искористи дождовницата со покривање на 80% од урбаните области во материјали кои можат да ја задржат водата, како што се зелените покриви и порозните тротоари.
2 МИТ: Зелената инфраструктура нуди придобивки само за животната средина
Додека еколошките придобивки од зелената инфраструктура е тешко да се пропуштат, понекогаш правиме превид во однос на техничките, општествените и економските придобивки од овие проекти кои ги прават уникатно поволни.
Зелената инфраструктура може да се спои со сивите системи за да се обезбедат услуги по пониска цена. На пример, обновувањето на деградираните шуми може да биде поевтино од надградбата на конвенционалната постројка за пречистување на водата, истовремено зголемувајќи го квалитетот на водата на ист начин. Шумите природно го задржуваат седиментот, што го подобрува квалитетот на водата. Отстранувањето на седиментот од водата често е најскапата задача на пречистителната станица за вода.
Зачувувањето на водата преку зелената инфраструктура покажува колку природните решенија можат да ги зајакнат локалните економии. Проектот за зачувување на водата на Кина го зголеми приходот на фармерите за 200 проценти и го зголеми нивото на подземните води во сушните северни рамнини на земјата со користење на одржливи земјоделски техники како зелена инфраструктура. Светска Банка пресмета дека економската стапка на поврат за овие мерки е 19-24 проценти.
Зелените покриви можат да задржат голема количина на дождовница, да ги намалат поплавите и стресот на пречистителните станици.Фотографија: DJANDYW.COM/Flickr
3 МИТ: Проектите за развој на инфраструктурата секогаш наидуваат на ставот „не во мојот двор“(НВМД)
И зелените и сивите инфраструктурни проекти може да доведат до тешки одлуки за локалните заедници во однос на нивната употреба на земјиштето, средствата за живеење и начинот на живот. Меѓутоа, ако е добро дизајнирана, зелената инфраструктура може да донесе општествени ко-придобивки, спречувајќи некои од НВМД фразите кои се толку чести со новата градба.
Проектите за зелена инфраструктура се уникатни по тоа што заедниците често ги присвојуваат на некој начин, со тенденција за нивно долгорочно работење и одржување. На пример, Фондот за управување со сливови ангажира заедници во Махараштра, Индија, за да ја врати водата назад во сливот на Кумбарвади. Тие им помогнаа на членовите на заедницата да имплементираат решенија како што се пошумување на деградирани области и терасирање на земјиштето за да се забави и да се зачува истекувањето на водата. Проектот помогна да се зголемат нето земјоделските приходи за 10 пати, да се надополнуваат подземните води и да се зголеми вредноста на фармите. Успехот на проектот може да се припише на фактот што правилното донесување одлуки и сопственоста на заедницата ги стави во центарот на нејзините иницијативи за зелена инфраструктура. Веќе дваесет години, проектите на Фондот за управување со сливови во Махараштра се сè уште силни.
4 МИТ: Инфраструктурата е со висока концентрација на јаглерод и осетлива на климатски промени
Индустријата за цемент е изворот на околу 8 проценти од глобалните емисии на јаглерод, правејќи ја изградбата на традиционалната инфраструктура процес со високо ниво на јаглерод. Зелената инфраструктура, од друга страна, е потенцијално огромен апсорбент на јаглерод. Запирањето на уништувањето на шумите и нивно обновување може да отстрани онолку јаглерод диоксид секоја година колку и отстранување на 1.5 милијарди автомобили од патиштата. Тоа е главната причина што повеќе од 100 земји се обврзаа да ги заштитат или обноват екосистемите, како дел од нивните национални климатски планови
Зелената инфраструктура, исто така, може да ја зголеми отпорноста на климата бидејќи е флексибилна, реверзибилна и може да се прилагоди на променливите услови на начини на кои изградените системи не можат. На пример, насипот за контрола на поплави може да се скрши кога бурите се премногу силни; добро управувана поплавна рамнина генерално не е погодена од екстремни временски услови.
Во исто време, зелената инфраструктура е исто така подложна на климатските промени, а промената на заканите за видовите, пожарите и зголемувањето на ниото на водите го земаат својот данок за сметка на природниот свет. Заштитувањето на овие системи и справување со климатските промени ќе ги зачуваат придобивките што тие можат да ги обезбедат.
Мангровите шуми можат да ги надополнат ѕидовите за заштита од бури. Фотографија: Adam Fagen/Flickr
5 МИТ: Инфраструктурата е скапа и тешка за финансирање
Секоја година, од сега до 2030 година, светот ќе треба да инвестира околу 171-229 милијарди долари за водоснабдување и санитација, 23-335 милијарди долари за заштита од поплави и 43-100 милијарди долари за наводнување за да се исполнат Целите за одржлив развој. Користењето само на сиви системи ќе резултира со бројки на повисокиот крај од овие спектруми. Истражувањето на природни решенија може да ги намали трошоците кои се потребни за пополнување на празнините во услугата.
Финансирањето на инфраструктурен проект често може да биде најтешкиот чекор за започнување, но зелените проекти може да донесат нови инвеститори на маса. Зелената инфраструктура може да биде дизајнирана да создаде еколошки и општествени ко-придобивки кои ќе ја подобрат нивната севкупна економска одржливост и ќе ги направат посебно атрактивни за инвеститорите кои се водени од мисијата. На пример, минатата година Фондот за отпорност на шумите во Калифорнија привлече 4.6 милиони долари приватен капитал за проект за обновување на шумите преку рекламирање на проектот за намалување на ризикот од пожари и придобивките од водоснабдувањето за водоводните претпријатија и резиденцијални области.
Зелената инфраструктура е инфраструктура на следната генерација
Следната генерација на инфраструктура мора да се прилагоди на реалностите на 21-от век и да ги искористи сите најдобри стратегии кои се достапни. Затоа е од клучно значење за носителите на одлуки систематски да ја разгледаат улогата на природните системи и, каде што е соодветно, да ја интегрираат зелената и сивата инфраструктура.Новиот извештај дава насоки, пристапи и примери за тоа како да се интегрира зелената инфраструктура во планирањето и инвестициите на начин што ги задоволува потребите на инфраструктурата, ги намалува трошоците и има придобивки за локалните заедници. Иако инкорпорирањето на зелената инфраструктура нема да има смисла во секој проект, важно е да се потпрете на фактите, а не на митовите при донесувањето одлуки за управување со водите и развој.
Текстот е превземен од World Resource Institute
Изработен од Suzanne Ozment и Irene Rehberger Bescos – март 21, 2019