Се одржа работилницата за дизајнерско размислување: #ГрадовинаИднината, Скопје: низ призмата на соседствата
На 19ти и 20ти Март, во хотелот Александар Палас во Скопје се одржа работилницата за дизајнерско размислување на темата #ГрадовинаИднината којашто се фокусираше на трансформација на градот Скопје преку трансформирање на поединечни соседства во неговите општини.
Градот Скопје кој е дом на повеќе од 40% од популацијата во земјата, во ера на забрзан технолошки развој и растечки потреби на граѓаните за квалитетни и навремени јавни услуги, има потреба од подлабоко разбирање и зајакнување на капацитетите за соодветно да се пристапи на предизвиците на нови, иновативни начини. За таа цел канцеларијата на УНДП со поддршка на Скопје Лаб ја организираа оваа дводневна работилница на која учество зедоа околу 65 претставници на клучни локални и национални институции како и претстваници од неколку организации од приватниот и граѓанискиот сектор.
Комплексните проблеми се испреплетуваат низ многу сектори и области на работа и бараат вклучување на различни перспективи во процесот на изнаоѓање решенија. Поаѓаќи од ова, поделени во 10 мултидисциплинарни тимови, учесниците се обидоа да креираат решенија кои ќе може да одговорат на идентификуваните предизвиците со кои се соочуваат соседствата поаѓајќи од заеднички вредности коишто се стремат да ги задржат или да ги претстават кај локалните жители.
На крајот на работилницата тимовите ги презентираа своите решенија поставувајќи почетна точка за понатамошна акција за трансформација на градот, преку трансформација на неговите соседства.
Работилницата беше отворена од страна на постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации, Нарине Сахакјан и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, а водена од двајца експерти за климатски иновации и паметно планирање на иднината на градовите, Тим Тејлор, висок советник за градови во Climate KIC, водечка европска иницијатива за климатски иновации и Андреа (Реј) Бојл, експерт за иновации и нови градови во УНДП Регионалниот хаб во Истанбул, со поддршка на тимот на Скопје Лаб.
Повеќе фотографии од атмосферата на работилницата може да најдете овде.