Реализација на нов зелен сквер кај „Млин Балкан“
На јавната парковска површина која е лоцирана пред и зад амбулантата „Млин Балкан“, Град Скопје од денеска уредува нов зелен сквер. Целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција на уредување на просторот.
Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди максимално да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години.
Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје, според кој, зелени скверови ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и на булеварот Илинден, до гимназијата „Орце Николов“, каде што веќе течат активностите на терен.
– Денеска започнуваме со уредување на овој простор, втор по ред од вкупно 4 локации во општините кои се резултат од анализите коишто ги направивме преку Скопје Лаб. Овде пред Млин Балкан во следните дваесетина дена на површина од околу 600 квадратни метри целосно ќе биде преуреден овој простор и потоа предаден на општина Центар. Знаете дека минатата недела започнавме активности за уредување на паркот во општина Карпош, и ни остануваат уште две локации во општина Аеродром. Очекувам дека по уредувањето овој простор ќе ги задоволува сите потребите на граѓаните од соседството бидејќи беа анкетирани луѓето коишто живеат на оваа микро локација, беа анализирани нивните барања и во согласност со нив беа изработени проектите – изјави Шилегов.
Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП што започна во 2018 година. Овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.
Резултат од овој процес се 7 концепт дизајни на „Скопје Лаб“, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.
– Оваа активност е дел од уредувањето на сериозно запуштени простори во нашиот град, ова е дел од зазеленувањето на нашиот град, кажав веќе дека над 115.000 метри квадратни се досега зазеленети, а есенската сезона е пред нас. Така што подобрувањето на уловите на живот во инфраструктурата, како и на микролокациите се нашиот императив за да го подигнеме квалитетот на нашето урбано живеење во градот – кажа Шилегов.
На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер кај „Млин Балкан“ присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.