Град Скопје и УНДП заедно во справувањето со климатските промени
Градоначалникот Шилегов и Луиза Винтон, Постојан претставник на УНДП во Македонија, денеска го потпишаа договорот за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”.
Со овој договор е предвидено продолжување на соработката во рамките на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”, и притоа е предвидена реализација на голем број активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за своите граѓани.
Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите – кажа Шилегов.
Градоначалникот Шилегов додаде дека дел од определбите на овој договор се преземање на конкретни активности за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, но и зафати за подобрување на зеленилото во Градот.
Длабоко сме свесни за значењето на зеленилото од сите аспекти, ги предвидуваме сите потребни мерки за негова заштита. Наша цел е преку интензивно зазеленување на делови од градот да го надоместиме изгубеното зеленило, како и на дополнување на оние локации каде што истото постои. Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје. Дополнително, преземаме конкретни активности за изградба на зелен кров во Градскиот трговски центар, се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме сите административни процедури и од наредната година би почнала неговата реализација – додаде Шилегов.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Витон изјави дека со овој договор се продолжува и интензивира соработката со Градот Скопје, која изминативе неколку години резултира со изработката на поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје „Скопје Лаб“.
Потпишувањето на овој договор е продолжување на едно многу продуктивно партнерство кое го имаме со Градот Скопје. Со овој договор нашата соработка се продолжува за период од 18 месеци, а истиот е во вредност од 720.000 долари. Активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе продолжиме да работиме на научни истражувања, а резултатите од овие научни истражувања ќе ги имплементираме преку реализација на пилот-проекти – кажа Витон.