Одржан прв циклус работилници за редизајн на јавни површини во Скопје
Центарот за иновации на Град Скопје – СкопјеЛаб во текот на месец декември 2019 година одржа неколку последователни работилници на тема „Редизајн на јавни површини“, кои се фокусираа на три јавни површини во Скопје со активно учество на студенти по архитектура и пејзажен дизајн како и на граѓани кои имаат вештини со кои може да придонесат во креирањето на концепти. Оваа втора фаза од иницијативата имаше за цел подобрување на состојбата на јавни површини во Скопје, преку зголемување на зеленилото и обезбедување поквалитетни јавни места за граѓаните.
Користејќи еден партиципативен пристап кој се базира на ко-креирање со крајниот корисник, овие работилници обезбедија не само креирање на концепти согласно потребите на граѓаните, туку и отворија можности за поактивно вклучување на младите во општествениот живот и генерално кон зголемување на свесноста кај јавноста за отвореноста на дел од институциите за соработка во вакви иницијативи.
Идентификуваните локации на кои се работеше се: Парк Форум, Двор на студентски дом Гоце Делчев и Плоштад Балет. Како резултат се изработија 3 концепт дизајн проекти за овие простори кои служат како водилка за нивно идно уредување од страна на градот Скопје. Трите групи беа водени од тројца архитекти: Сара Симоска, Никола Ѓорѓиевски и Ирена Милојеска, како и еден електроинженер Владимир Ѓоргиевски. Работилниците се одржуваа во просториите на Skopje Urban Living Lab во старата скопска чаршија.
По работилниците, на 21ви јануари, во просториите на Советот на Град Скопје се одржа отворена презентација на 3те концепти пред надлежните како и пред локалното население со цел да се соберат финални коментари. Ги покануваме сите заинтересирани граѓани да ги следат социјалните профили на СкопјеЛаб каде може да се информираат за процесот и остварувањата. По целосно финализирање на концептите, истите ќе бидат објавени и јавно достапни на нашата веб-страница skopjelab.mk.