Зајакнување на вештините на вработените од различни сектори на Град Скопје
Во изминатиот период тимот на Скопје Лаб работеше на зајакнување на вештините на вработените од различни сектори на Град Скопје. Во тој контекст, се одржаа 3 дводневни работилници кои опфатија пренос на знаење за користење на алатки за графички дизајн, креирање на интерактивни прашалници и ефективно комуницирање на информации со помош на Storytelling (Уметност на раскажување приказни).
Првата работилница беше на тема креирање на интерактивни прашалници со помош на алатката Typeform. За време на работилницата, учесниците се запознаа со основите на алатката и работеа практично при што креираа свои прашалници. Целта на оваа работилница беше во иднина вработените на Град Скопје да можат сами да креираат интерактивни прашалници, во зависност од потребите на секој сектор.
Втората работилница се фокусираше на брзо и лесно креирање на графички дизајни, користејќи ја алатката Canva. Учесниците се запознаа со основите на графички дизајн и можностите кои оваа алатка ги нуди, од визуелно претставување на податоци до креирање на постери за настани, а со цел успешна промоција на проектите и активностите кои ги реализира Град Скопје. Вториот дел од работилницата вклучуваше вежба, односно предизвик на кој учесниците работејќи во тимови, креираа дизајни согласно идните потреби на градот.
Последната тема која беше опфатена во третата работилница е уметноста на раскажување приказни. Главната идеја беше да се прикаже како преку користење на соодветен говор и стил на пишување може да се креираат материјали (новости, презентации, говори, дизајни) кои на ефективен начин можат главните информации подобро да ги доближат до јавноста и да пробудат интерес во нејзино ангажирање во работата на градот. Дополнително се прикажа како преку користење на различни типови на медиуми и алатки со кои се работеше на претходните две работилници, може да се дојде до поефективни резултати.
Поради покажаниот интерес за вакви и други типови на работилници, обуките ќе продолжат да се реализираат и во следниот период.
Следете нѐ за повеќе информации.