Учество на работилница #ZeroEmissionKrakow во Краков, Полска
Во периодот 19-20 септември, тимот на Скопје Лаб учествуваше на првата работилница oрганизирана во склоп на проектот Градовите на иднината #ZeroEmissionKrakow во Краков, Полска.
Проектот е амбициозен и експериментален кој е под водство на Climate KIC* а го реализира Pracownia miejska во соработка со Град Краков. Целта е изнаоѓање решенија за климатската криза и трансформација на градот во град со нула емисии на јаглерод преку процес на ко-креирање со заедницата. На работилницата учествуваа претставници на градот, невладини организации кои работат на темата, студенти, претставници од приватен сектор и експерти кои заеднички ќе работат на ко-креирање решенија за Краков во следните 4 години.
Овој предизвик за здрави и чисти градови кој го води Climate KIC покрај Краков како и Скопје вклучува и 13 други градови од Европа, пионери во процесот.
Во текот на дводневната работилницата се споделија примери од проекти и активности што ги водат градовите Скопје и Амстердам а кои треба да служат како инспирација за Град Краков.
Координаторот на Скопје Лаб, Софија Богева за време на својот говор накратко ги презентираше плановите на Скопје за следниот период кои се планирани во склоп на овој проект, а воедно и зборуваше за досегашните активности и остварувања на Скопје Лаб кои придонесоа, односно го ставија Скопје во листата на градови пионери кои се дел од истиот.
На посетата на Краков покрај координаторот присуствуваа и Софија Басмаџиева Жежељ, претставник од кабинетот на Град Скопје и Николчо Гошев, ИКТ специјалист во Скопје Лаб.
Во прилог ги споделуваме презентациите од амбициозниот план за нула емисии на Амстердам и проектот Градови на иднината на ClimateKic.
*EIT Climate KIC е Европска заедница за знаење и иновации, чија работа е насочена кон остварување на просперитетно, инклузивно, климатски отпорно општество основано на циркуларна економија со нула јаглерод.