редизајн 2.0
Развивање на концепти кои ќе можат да систематизираат и интегрираат во постоечкиот градски модел, ќе создадат нови градски искуства и атмосфери, ќе го разубават градот и ќе помогнат во ублажување на ефектите од урбаните тополотни острови. Дополнително ќе поттикнат поактивна соработка помеѓу градот и граѓаните, и ќе го прикажат бенефитот од ко-креирање во процесот на изнаоѓање на решенија за градските предизвици.
Трансформација и адаптација на централните градски зони во современите градови претставува вистински предизвик и е еден од главните дискурси во социолошката и архитектонско-урбанистичката теоретска и научна јавност на овој и минатиот век. Многу градови претрпуваат значителни морфолошки промени во обидот да држат чекор со технолошките и економските текови на своите општества вклучувајќи го и Скопје. Дел од овие промени резултираат со значајно намалување на зелените јавни површини достапни за граѓаните за одмор како локални паркови, зелени плоштади и игралишта.
Како резултат на тоа, се појавува неусогласеност на новата со постојната градска структура, отуѓување на одредени градски простори од колективната и личната меморија на жителите и корисниците, менување на градската атмосфера и начинот на живот во тој дел од градот, а со тоа и создавање можност за нивно напуштање или различна (зло) употреба. Поради ова, тимот на Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб во изминатиот период работеше на иницијативата “Редизајнирање на јавни површини во Скопје” преку која се обиде да одговори на предизвикот:
Како со помош на иновативни и инклузивни методи и алатки во областа на микро-урбаниот дизајн, да дизајнираме просторно-формални, концептуални и стратегиски одговори на постојни, локални проблеми и предизвици?
Втората фаза од оваа иницијатива усвои односно промовира еден нов иновативен и инклузивен пристап во креирање на концепти кој се води по принцип – ко-дизајнирање со граѓаните за граѓаните.
Девет јавни површини беа мапирани во соработка со Град Скопје и локалната професионална заедница.
- Ул. Благоја Страчков,
- Ул. Кукушка,
- Ул. Крсто Баиќ и Ул. 8ми Март,
- ул. Коле Неделковски,
- Ул. Пајак,
- Ул. Коста Веселинов
- Парк Форум
- Дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“
- Проштад Балет
- Развојот на концепти се базираше на организација на работилници со студенти и млади професионалци од интердисциплинарни области како и со останати граѓани кои имаат вештини, идеи и знаење да придонесат во процесот.
- Работилниците беа организирани во период од 3 месеци (декември 2019 – февруари 2020), и секоја во времетраење од 4 дена со дополнтелни 5 дена можност за теренска работа.
- За реализација на работилниците беше развиена програма за работа во соработка со млади истакнати професионалци од областа на архитектура, градежништво, пејсажно уредување и енергетска ефикасност кои беа избрани врз основа на јавен повик за ментори.
- Учесниците на работилниците беа избрани согласно вештините и знаења кои ги поседуваат врз основа на јавен повик за учесници.
Работилниците се состоеја од два дела
Работа на терен и аналитика на real-time информации за животот на една улица
Развивање на дизајн базиран на стратегија за нејзина трансформација.
Преку квалитативни и квантитативни методи на истражување (опсервација, анкети, интервјуа и фото и видео документација), учесниците ги мапираа дневните и ноќните активности и програма, формите на однесување на луѓето, животните и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо- културен контекст и атмосфера, проследено со идентификување и атак на релевантен современ градски феномен.
Во процесот на развој на стратегии, концепти и решенија, учесниците беа охрабрувани да допринесат за и/или експериментираат со нови градски атмосфери, да создаваат различни кориснички искуства и да се служат со современи методи/алатки/медиуми/техники.